Доделени нови 27 решенија за легализација во Кисела Вода
Практиката за делење решенија за легализација на бесправно изградени објекти на неделна основа во општина Кисела Вода продолжува. Градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ денеска на 27 граѓани врачи решенија за легализација на дивоградбите, со што бројката на вкупно решени предмети за легализација достигна 1.543 предмети.
Од вкупно регистрираните 11.871 дивоградба за кои е поднесено барање за легализација во Општина Кисела Вода, 5.153 предмети се во административна постапка, а 5.165 предмети се незапочнати, односно се со нецелосна документација.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец - Алексиќ информираше дека 22 предмети се препратени во надлежност на други општини, 15 предмети се примени од други општини, а 3 предмети се одбиени.
- Овие податоци говорат дека општината со добра динамика ги решава предметите за легализација, но напорот треба да е заемен. Без поддршка и соработка со граѓаните, процесот на легализација не може успешно да заврши, потенцираше Беличанец - Алексиќ.
Таа ги повика граѓаните кои се уште не ја комплетирале целосно потребната документација, тоа да го сторат што поскоро, како би можеле во најкраток можен рок да ги легализираат своите дивоградби. Истовремено, ги потсети сите правни и физички лица на кои им е изготвена урбанистичката согласност, во најкраток можен рок да го платат надоместокот, за да може да се продолжи постапката за изготвување на решенијата за легализација на објектите.
ФОТО: Канал 5