ДИК бара уште пари за претседателските избори

 

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница одлучи да побара од Владата и од Министерството за финансии дополнителни 124 милиони и осум илјади денари од резервите на Буџетот, неопходни за реализација на изборите за претседател на Република Македонија, закажани за 13 април оваа година.

Како што се наведува во соопштението од седницата објавено на веб-страната на ДИК, до овој заклучок е дојдено по исцрпно разгледување и усвојување на предлог Финансискиот план за распределба на средствата за избор на претседател на државата, како и по прифаќањето на Годишниот план за вкупните јавни набавки на ДИК по програмата 21 која се однесува на изборните активности. До обезбедување на овие буџетски средства, како што се посочува, ДИК нема да може да врши јавни набавки.

На 60-тата седница, ДИК го усвои и предлог Правилникот за начинот на постапување на полицијата за време на спроведувањето на изборите. Овој подзаконски акт кој ја регулира соработката на Комисијата со МВР е надополнет барањата полицијата да не дозволува задржување на неовластени лица пред и на гласачките места, како и да има стандардизирана службена униформа.

Членовите на ДИК ги усвоија и обрасците за претстојните претседателски избори кои ќе се користат во Дипломатско-конзуларните претставништва, а кои ќе бидат објавени во „Службен весник“.

На седницата беше усвоена и Програмата за задолжителна едукација на изборните органи за спроведување на претседателски избори, а беше утврден и обликот на новите печати на избирачките одбори, општинските изборни комисии и на изборната комисија на Град Скопје, како и новиот, осовременет изглед на интернет страницата на ДИК. 

14.02.2014 - 17:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега