Македонски пратеници во Брисел на средби со претставници на ЕУ и НАТО
Собраниската делегација составена од пратениците Антонио Милошоски, Александар Спасеновски, Христина Рунчева, Сузана Салиу и Ермира Мехмети, престојува во Брисел каде што има серија средби со претставници на Европската унија и на НАТО.
Според информациите од македонското Собрание, делегацијата остварила средби со европратениците Дорис Пак и Елмар Брок, како и со директорот за проширување во Европската комисија, Александра Кас Грање, со раководителот на одделот за Западен Балкан во Европската служба за надворешна акција Јонас Јонсон и со Михаел Карничинг од Канцеларијата на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
На средбите биле потенцирани реформските активности што Република Македонија ги презема во насока на достигнување на европските стандарди. Во тој контекст се разговарало и за приоритетите од Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската унија.
Било нагласено дека почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од страна на Грција, како и отворањето на преговорите за членство ќе дадат значителен придонес во македонско-грчкиот дијалог за изнаоѓање на компромисно решение околу спорот со името.
Пратениците денеска треба да се сретнат со Лори Вокер од Секторот за политички прашања и безбедносна политика при НАТО, Крзиштоф Бернацки од Генералниот директорат за надворешни политики во Европскиот парламент и Михал Маловец, одговорно лице за Македонија во Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент, соопшти собраниската прес-служба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа