Македонија прва земја во Европа со мрежа целосно базирана на интернет протокол

 

Македонски Телеком го префрли  и последниот корисник на новата ИП мрежа со што стана првата компанија во Групацијата Дојче Телеком со мрежа целосно базирана на интернет протокол (АЛЛ ИП). Со инвестиција од 13 милиони евра, во тек на изминатите 25 месеци,  се овозможи мигрирање во новата мрежа на 290.000 линии, објави денеска на прес-конференција во Скопје менаџментот на компанијата.  

- Резултатот  е значително намалено време на пласирање на производите од една до две години, на две недели, некогаш и неколку дена, а исто така и значително намалување на трошоците. Во Македонија заштедуваме 10 евра по корисник годишно. Главната заштеда всушност произлегува од  енергетските заштеди бидејќи ги елиминиравме сите подвижни елементи, исто така намалено плаќање  кон нашите добавувачи, а исто така заштедуваме и  трошоци за персонал за одредени технички услиги, рече Клаудија Немат, член на Одборот на Дојче Телеком за Европа и технологија, јави МИА.

Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком, истакна дека преку новата ИП платформа, буквално секој нивен корисник ќе може да ги користи услугите на новата генерација, брзо, квалитетно и ефикасно. - А тоа е и нашата цел, преку вложување во новите технологии, да овозможиме најдобро корисничко искуство. ИП ги брише географските граници и е основа за сите идни услуги, а Македонски Телеком е многу напред, не само во регионот, туку и во рамките на Европа, и горди сме заради тоа, рече Маиерхофер.

ИП мрежната технологија овозможи воведување Интернет по потреба, целосно нов концепт кој им овозможува на корисниците онлајн да нарачаат пристап на интернет со голема брзина секогаш кога им е потребен со само еден клик.

13.02.2014 - 15:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега