Херман бара построги мерки за азилантите од поранешна Југославија

Јоаким Херман, министерот за внатрешни работи на Баварија побара од сојузната Влада во Берлин да преземе мерки за ограничување на бројот на азиланти од земјите на поранешна Југославија и од Албанија.

 

Херман во интервју за германската агенција ДПА  изјави дека станува збор за „масовна злоупотреба на правото на азил“ што мора да биде ограничено и предложи на азилантите од овој регион да им се укине државната помош заради која, како што смета, многумина и доаѓаат во Германија.

Заради нивните барања за азил (луѓето од поранешна Југославија) значително се продолжува времето за обработка на барањата за луѓето од земјите во кои навистина може да се зборува за политички прогон, рече Херман.

Во текот на изминатата година на листата на земји од кои во Германија дошле најмногу баратели на азил на прво место била Србија, со 18.001 барања, а нашата земја се најде на четврто место од листата за 2013 година со 9.418 барања за азил. На шестото место е Босна и Херцеговина и на седмото е Косово со 4.423 барања за азил.

-Не можам да прифатам дека овие држави се први на листата земји од кои доаѓаат најмногу азиланти, иако квотата за признавање на барањата за азил е нула, рече баварскиот министер.

 

Тој предлага во првите три месеци по влезот во земјата на азилантите од овие земји да им се укине „џепарлакот“, државната поддршка заради која, смета Херман, овие луѓе и доаѓаат во Германија. 

13.02.2014 - 12:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега