Јаневска со честитка до учениците: Одморете се но читајте и книги
Пријатен летен распуст и честитки за напорната работа и заслужениот успех им посака министерката за образование и наука Весна Јаневска на основците и средношколците кои денеска ја завршуваат учебната 2024/2025 година.
-Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување, напиша министерката на својот фејсбук-профил.
Честитки за крајот на годината упати и до сите учители, наставници и професори кои, како што вели, „секој училишен ден им помагаа на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со предизвиците“.
-Го цениме вашиот труд, ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто и тие ќе продолжат да растат, а континуирано ги подобруваме и условите во кои работите. Вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем и затоа сме ви благодарни, наведува министерката.
Посебна честитка, напиша Јаневска, им упатува на родителите и старателите како партнери во образованието, „за нивната поддршка и довербата заедно да придонесеме за напредокот на секое дете“.
-Чесни, праведни и одговорни луѓе, со знаења и вредности, можеме да градиме само со заедничка посветеност. Министерството за образование и наука продолжува со подобрувањата на воспитно-образовниот систем, работиме на нова Стратегија за образование, на создавање услови за обезбедување едносменско работење и продолжен престој за учениците во што поголем број училишта. Работиме на подобрување на инфраструктурни услови, ги надградуваме наставни програми и учебниците и го забрзуваме процесот на дигитализација, посочува Јаневска.
Додава и дека оваа учебна година МОН направивило многу, потсетувајќи дека се обезбедени учебници за предметите за кои немаше, донесени се клучните закони и заедно со општините работеше на јакнење на училишните средини „за да бидат мирни и безбедни за учениците, без сегрегација и дискриминација по ниеден основ“.
-За учебната 2025/2026 сите заедно треба да направиме уште повеќе, за да можат нашите деца да добијат образование какво што заслужуваат, напиша Јаневска на Фејсбук.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа