Банките ликвидни - економијата и понатаму ќе расте

Според Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, банките во јануари го задржаа стабилното ниво на ликвидност, а кај депозитите има поволни движења. Депозитниот потенцијал и натаму се зголемува иако побавно на месечно ниво, а зголемување е забележано и кај кредитите и тоа во секторот население, но надолните ризици околу кредитниот раст и понатаму се присутни.

- Оценките и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината, и натаму се укажува на претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, од 2,3 отсто, утврдени во јануарскиот преглед на тековната состојба. Овие оценки ја одразуваат пониската остварена стапка на инфлација на крајот на 2013 година, во однос на проектираната и јануарските ревизии на светските цени на храната и нафтата, се наведува во соопштението.

 Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови, сметаат од Комитетот. 

Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 отсто. Воедно, како дополнување на неодамна донесената Методологија за утврдување на потенцијалната побарувачка за благајнички записи, Комитетот ја ревидира каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, со што таа се приближи до каматната стапка на расположливите депозити преку ноќ. Со ова се истакна улогата на овие инструменти, кои служат исклучиво за балансирање на краткорочните ликвидносни флуктуации, а воедно се зајакнува механизмот за натамошно насочување на вишокот ликвидни средства на банките во подолгорочни инвестиции, стои во соопштението од НБРМ. 

12.02.2014 - 15:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа