Историски рекорд на извоз на македонско вино

Македонија руши рекорди со извозот на вино на странските пазари, објавува порталот Лидер, повикувајќи се на податоци од Министерството за земјоделство.

Според порталот, во 2013 има извоз на вино најголем до сега – 885. 331 хектолитри во вредност од 50 милиони евра. Ако се спореди просек за периодот од 2007 до 2012, лани извозот е за 48 % поголем според количина и 24 % според вредност.

Експертите во винскиот сектор за Лидер коментираат дека Македонија станува препознатлив бренд за вино со добар квалитет на странските пазари и за разлика од минатото кога најголем дел од извозоот беше наливното вино со многу пониска вредност, сега се пласира вино во шишиња со квалитет далеку подобар и од минатото. Според анализите на Министерството за земјоделство, извозот на вино во ЕУ е зголемен за 45 %, а просечната цена е зголемена за 10 евра по хектолитар во споредба со лани.

-Радува фактот дека е остварена примарната цел на сите програми и мерки на Владата и на Министерството за земјоделство за зголемена промоција и препознатливост на македонско вино. Како резултат на истите, во последниве неколку години најзначајно зголемување се забележува кај извозот на вино во шишиња, при што количината на извезено вино во шише од 2005 година од над 5,5 милиони литри е тројно зголемена и достигнува количини околу 17 милиони литри. Зголемувањето на извозот на вино во шише особено е забележително во земјите кои беа таргетирани во рамките на заедничкиот настап на македонските винарии на саемски манифестации финансиран и поддржан од страна на Министерството за земјоделство и Владата – Германија, Русија и Кина, велат од Министерството за земјоделство за Лидер.

Првичните резултати покажуваат дека извозот на вино во шишиња во овие земји бележи значителен пораст, и тоа во Германија (за 3 пати повеќе по количина и 2,8 пати по вредност), Кина (4,4 пати по количина и 3,8 пати по вредност) и Русија 3,7 пати по количина и 2,7 пати по вредност), пишува Лидер.

12.02.2014 - 09:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега