Напиши писмо и добиј 30.000 денари

 

Агенцијата за пошти распишува награден конкурс за најдобро писмо „Напиши писмо со ракопис на срцето“.

Писмото го пишувате на слободна тема, а конкурсот ќе биде поделен во три категории - за деца до 12 години, за млади до 18 години и трета категорија за возрасни лица.

- Целта е да се обнови традицијата на пишување писма, да се стимулира креативниот однос на граѓаните кон интимната димензија на писмата и кон афирмирање на јазичната и писмената култура и традиција кои во историјата на светската култура има оставено неизбришливи траги, соопшти Агенцијата за пошти, која оваа акција ќе ја промовира утре на прес-конференција во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Писмата треба да бидат напишани со личен, авторски ракопис, на  македонски или на албански јазик, да не се претходно објавувани, да не содржат повеќе од 500 зборови и да ја имаат формата на обраќање до примачот.

Писмата треба да се испратат во плик најдоцна до 14 април 2014, на  адреса: Агенција за пошти  (со назнака: за награден конкурс  - категорија...) Поштенски фах 164, 1001 Скопје. Учесниците ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 14 мај 2014 година.

За трите категории се предвидени по три награди: (3.000, 6.000 и 9.000 денари за прва категорија, 6.000, 9.000 и 12.000 за втората категорија и 6.000, 18.000 и 30.000 денари за најдобрите писма во третата категирија), како и книги.

11.02.2014 - 11:08
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега