За 10 години 126 милиони деца побарале помош на СОС линиите

 

„Зајакнување на моќта на децата и младите“ е мотото на овогодинешниот Меѓународен ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата во светот.  

Меѓународната мрежа на СОС линии, Child Helpline International  (http://www.childhelplineinternational.org), која брои 173 членки од 142 земји, во изминатите 10 години примила повеќе од 126 милиони повици.

На СОС телефонот за деца и млади (0800 12222) што функционира во рамки на Првата детска амбасада во светот Меѓаши која е членка на глобалната мрежа на СОС линиите, во периодот од 1993-2012 година се регистрирани  вкупно 19.217 случаи на јавување. 

- На бесплатниот СОС број  децата и младите можат да се јават за каков било проблем со кој се соочуваат. Секој контакт и секој проблем се сфаќа и се разгледува сериозно, а јавувачите знаат дека ќе бидат сослушани, разбрани и поддржани да најдат најсоодветно решение за нивните проблеми. Постојат повеќе причини зашто децата се јавуваат на СОС бесплатниот број 0800 12222. Децата претставуваат ранлива група во секое општество. Тие се вклучени во семејните проблеми и зависни од постапките на возрасните, кои пак не секогаш свесно и правилно постапуваат со децата. Затоа линиите за помош на децата им ја даваат можноста да добијат помош и да ги изразат своите проблеми, истакнуваат од Меѓаши.

Апелираат до претставниците на Владата, локалната самоуправа, телекомуникациските служби и социјално одговорните компании, финансиски да ги поддржат СОС линиите кои им помагаат на децата. Потсетуваат и на препораката од Комитетот за правата на детето СОС бројот 0800 1 2222, да се хармонизира со европскиот број 116 111,  и да се прифати како извор на информации и податоци за политиките и законите за правата на детето и како алатка за рани интервенции и превенција.  

Од своето прво одбележување во 2007 година, Меѓународниот ден на СОС линиите прерасна во настан од големо значење и можност СОС линиите од целиот свет да го потенцираат и прикажат значењето на мисијата што ја остваруваат. СОС линиите ги слушаат, ги советуваат и им даваат насоки на децата и младите за решавање на проблемите со кои се соочуваат.

најчитано сега