Првпат по 20 години: Повеќе вработувања отколку отпуштања во Македонија

Позитивна разлика на бројот на вработени и отпуштени од 3.151 лица, покажала анализата на Агенцијата за вработување за периодот меѓу 18 декември лани и 20 јануари годинава.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски вели дека првпат по 20 години има позитивна разлика во вработувањата и отпуштањата.

- Секогаш  се случуваше во декември, јануари и февруари да имаме стагнација и зголемување на бројот на невработени, а по март да има намалување.  Овојпат е обратно, што е многу добра работа. Имаме 10.749 вработувања, но паралелно имаме 6.373 отпуштања, односно разлика во позитива од околу 3.000 новоформирани работни места, рече Поповски.

Поповски денеска се сретна со невработени лица и со нив дебатираше за можностите што ги нуди Агенцијата за  вработување и за нивните забалешки во спроведувањето на мерките.

ТОј информираше дека и покрај одржувањето на изборите, Агенцијата ќе продолжи да ги имплементира активните мерки за вработување. За тоа вчера е добиено официјално одобрение од Комисијата за спречување корупција.

-  Може да се продолжи со имплементација  на мерките бидејќи не засегаат во изборната политика, односно Изборниот законик. В понеделник ќе биде објавен огласот за трите мерки што беа стопирани на почетокот на неделава, обуката за возачи за Д категорија, прва шанса за младите и обука и субвенционирано вработување. Подоцна ќе продолжиме и со практиканство, обука за познат работодавач и сите мерки што следат, рече Поповски.

Тој упати апел до невработените редовно да се пријавуваат во Агенцијата за вработување доколку сакаат да бидат корисници на мерките од оперативниот план за вработување, а исто така и да оставаат точни податоци за телефонскиот број и адресата при евидентирањето.

Агенцијата на 30 декември го пушти во употреба СМС комуникаторот, но според  Поповски, голем број од телефонските броеви се неточни. Поголем дел од невработените си ја завршија работата и даваат вистински информации, но околу 20 проценти  даваат неточни броеви и адреси. Тоа ни е вистински проблем да им дадеме информација навреме. При проверка во АЕК утврдивме дека добар дел од тие броеви не постојат. Сега би требало според закон да почнеме со прекршочни  пријави, што не би сакале, затоа што секој што дава изјава наведува дека под морална и кривична одговорност податоците се точни, рече Поповски.

Тој најави дека Агенцијата, на крајот на месецов ќе направи нова проверка на податоците што ги оставаат невработените. Доколку во меѓувреме тие што дале лажни информацвии не ги корегираат, Поповски најавува дека ќе му одобри на одделението за правни работи да подготви пријави и казни.

- До тоа не би сакале да дојде. Нам ни е важно да имаме точни податоци за да знаеме кого да информираме, наведе Поповски.

07.02.2014 - 14:07
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега