Денеска започнуваат ЗОИ во Сочи

Дваесет и вторите по ред Зимски олимписки игри започнуваат денеска, а домаќин е рускиот град  Сочи.  Воедно ова се најскапите игри во историјата .

Руските власти во изградбата на олимписки борилишта вложија 50 милијарди долари, што е четири пати повеќе од планираните 12 милијарди.  Со оваа сума овогодинешните ЗОИ го соборија рекордот од ЛОИ во Пекинг во 2008 година кои чинеа 44 милијарди долари, додека пак претходните ЗОИ во Ванкувер чинеа осум милијарди долари.

За првите ЗОИ на територијата на Русија вкупно се изградени 11 борилишта поделени во две групи – Олимписки парк и планински комплекс.

Како што информираат руските медиуми, безбедноста во Сочи е на највиско можно ниво и градот и комплексите се наоѓаат во т.н. „железен прстен“ со повеќе од 40 илјади полицајци и војници, се со цел спортистите од 88 држави да се чувствуваат безбедно иако голем број од спортските репрезентации имаат и дополнително сопствено обезбедување.

Во ЗОИ ќе учествуваат речиси 3.000 спортисти во седум спортови, вкупно 15 дисциплини. Ќе бидат доделени вкупно 98 златни медали.

САД со 230 натпреварувачи е  најбројна експедицијата.

Церемонијата на свечено отворање почнува денеска во 17 часот по средноевропско време. 

07.02.2014 - 09:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега