Нови работни места, нови приходи за компаниите - доделени концесии за детални геолошки истражувања

Македонската Влада додели концесии за детални геолошки истражувања за минерални суровини на 50 локации низ Македонија.

Од нив, 29 се за металични минерални суровини, 17 за неметалични минерални суровини и четири за украсен камен. Вкупниот концесиски надоместок којшто треба да биде уплатен во рок од 30 дена од моментот на објавување на одлуката во „Службен весник“ изнесува 50 милиони денари. Покрај домашни компании, концесии за детални геолошки истражувања добија и фирми од Турција, Канада, Австрија, Велика Британија и Бугарија.

Министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за најголемиот пакет на концесии за детални геолошки истражувања за минерални суровини.

- Создаваме услови за развој на бизнисите во Република Македонија. Тоа ќе значи и дополнителен приход за компаниите, ќе се отворат нови работни места и ќе се создадат услови за нови приходи за општините и за државата бидејќи согласно новиот Закон за минерални суровини, 78 проценти од приходите ќе се слеваат во општините, а 22 проценти во централниот Буџет, рече Сарачини.

Доделена е и концесија за локалитетот „Алшар“ под името Мајден која ја има добиено македонската компанија „Инфо груп“ од Скопје. За овој локалитет, како што информираше министерот Сарачини, аплицирале три компании од кои две ги исполнувале условите. 

- Владата дополнително одлучи во истражувањето да може да се вклучат и научно образовни институции кои имаат интерес да вршат научни испитувања во локалитетот Алшар. Тоа беше прифатено и од страна на инвеститорот, појасни Сарачини.  

Според Даниела Бомбол, претставник на канадската компанија „Резервоар минералс Македонија“, која доби концесија за геолошки истражувања за металични минерални суровини, процесот на доделување концесии оди напред во последните три до четири години.

- Со законот за минерални суровини и со самите процедури, Владата направи да има почесто тендери и да можеме што повеќе да добиваме концесии, а со тоа и економијата да оди напред, нагласи Бомбол, додавајќи дека странските компании се заинтересирани за Македонија. 

Страшо Милковски, директор на компанијата „Гранит“, која има добиено концесија за варовник кај Делчево, концесиите значат многу за развојот на компаниите и за намалувањето на нивните трошоци за транспорт. 

Сите компании имаат определен рок за истражување по што треба да направат елаборат од добиените резултати, а потоа да поднесат барање до Министерството за економија за продолжување со фазата на експлоатација. Тогаш би требало да почнат инвестициите за отворање рудник. 

најчитано сега