Драган Павловиќ Латас: Канцер

Радмила Шекеринска.
Бранко Црвенковски, за неа изјави дека е најголемо кадровско промашување и срам за партијата откако таа како шеф на СДСМ, избрана во 2006, го доживеа најтешкиот изборен пораз кој која било партија го доживеала во самостојна Македонија.

Кога Бучковски, по изборниот пораз во 2006 година беше сменет, за својата наследничка Шекеринска оцени дека е политички празна, она што ја интересира се интриги и подметнувања. Клинички егоист кој и ден-денес на Википедија се претставува себеси како премиер, иако била вд на таа функција само еден месец, по оставката на Хари Костов, а до изборот на Бучковски. Буч доцна ја запозна вистинската Шекеринка. Го разбра тоа на партискиот конгрес, кога Рада заедно со Владимир Милчин од Сорос Институтот го нападнаа Буч дека е лопов и дека нанел голема штета на партијата.

Овие денови, Наташа Савова, прв соработник на Црвенковски и со Зоки Јовановски, Гордан и Ана Павлова, еден од ретките креативни ликови во СДСМ, изјави дека не сака да соработува со Радмила (и Заев), нарекувајќи ја Шекеринска канцер на партијата.

Кој од овие имиња, ликови кои над деценија работат заедно со Шекеринска и добро ја познаваат, се во право. Би рекол, во право е секој од нив.

Последната оценка за Радмила Шекеринска, дека е канцер, е најдетална.
Шекеринска има 41 година, а во врвот на СДСМ е над 20 години. Од нејзиниот прв избор на функција во раководството на младите Социјалдемократи во 1993 година. Оттогаш Рада Ладнатрајна е функционер во партијата без пауза. Шеф на младите Социјалдемократи, пратеник, потпретседател на СДСМ два пати, вицепремиер, шеф на партија... Има подолга функционерска кариера од кого било во Македонија. Подолго е функционер и од Бранко Црвенковски.
Сега ја гледаме како се обидува да се продаде себеси како нов лик во новиот СДСМ, кој треба да донесе нова политика и нови перспективи. Патетично, богами.

За овие дваесет години Шекеринска постојано е дел од политиката која Македонија ја направи земја со најмногу невработени на Балканот по приватизацијата на Црвенковски... и Шекеринска. Тука е и по продажбата на знамето и името кое Црвенковски... и Шекеринска го платија како цена за преземање на власта, подарена од меѓународната заедница и Грција која СДСМ го смета, отсекогаш, за свој партнер.

Шекеринска беше на функција и во 2001, кога СДСМ ја бушеше одбраната на Македонија за, преку Рамковскиот договор, да обезбеди тежок воен пораз за Георгиевски, а лесна победа за себе следната година на избори.

Сите се менуваа, само Шекеринска и Црвенковски секогаш беа на функција.
Бучковски е во право дека е плитка со политички знаења, гола вода е. И Наташа Савова е во право дека Шекеринска е диво тело, канцер во партискиот организам. Кога и каде Шекеринска да се појавила, и имала можност нешто да прави, се случил пораз.

Тогаш, што ја одржало толку долго во врвот на СДСМ? Подолго и од Бранко.
Првиот дел од одговорот е во оценките кои Бучковски ги даваше за неа, кога Радмила со Милчин го смени од местото шеф на партија за токму таа да ја преземе шефовската функција, се до септември 2008 кога е сменета, а на нејзино место доаѓа Зоран Заев, кој следната 2009 година фотелјата му ја отстапи на Бранко Црвенковски.

Констатацијата на Бучковски, дека целиот нејзин партиски ангажман се сплетки, кариеризам и вовлекување, подметнувања, интриги и местенки е докажан со прост увид во нејзината кариера. Таа школа, во добра мера научена и надградена од Црвенковски, е основа на нејзиното однесување и политика, се од денешниве денови.

Но, вториот дел од одговорот, што ја одржало толку долго во врвот на партијата, е моќта, парите и услугите кои таа ги дава, користејќи го големиот буџет, моќта и дипломатските врски на Сорос Институтот отворено општество, и Владимир Милчин.

Шекеринска е во Сорос Институтот од 1996 година. Таму е и нејзината сестра. Преку Сорос Институтот помага, или одмага, пристап до парите и проектите на Сорос, што е исклучително голема моќ ако се знае дека Сорос Институтот располага со пет милиони долари буџет, и тоа секоја година... Па така, едно дваесет години по ред.

Преку тој канал воспоставува и гради дипломатски врски кои биле клучни, особено за политиката на СДСМ, која никогаш немала упориште во народот, туку постојано барала победа со поддршка од дипломатите и отстапки за поддршка од Албанците.

Кога лани Црвенковски реши да се повлече, Шекеринска ги стави на маса сите свои методи: сплетки, интриги, местенки, дипломатски врски и Сорос пари на маса.

Ако Црвенковски се повлече затоа што има премногу хипотеки и неуспеси зад себе, беше логично да ја снема и Шекеринска, која е негов прв соработник за сите дваесет години од неговата власт во СДСМ. Но, не, Радмила остана како зомби од транзицијата.

И беше јасно дека Заев е најпогоден за наследник на Црвенковски. Особено погоден за неа, токму преку него да ја продолжи својата политичка кариера.

Заев, лице со значителен кеш, амнестирано за тежок финансиски криминал, интелектуално и политички лимитиран на ниво на провинциски кмет, отсутен од централата во Скопје, не знае англиски и нема никакви канали во дипломатскиот свет... е идеален избор Шекеринска да ја искористи неговата популарност и да го јавне, и јава понатаму.

Таа немаше храброст да се кандидира за шеф на СДСМ на конгресот по повлекувањето на Црвенковски. Знаеше дека би загубила до ниво на срам. Речиси и да нема човек во општинските органи на СДСМ кој нема презир кон Шекеринска.

Целата суштина на нивните релации може да се согледа од последната им заедничка посета на Брисел. Тие отидоа во Брисел заедно. Посетата ја средила Шекеринска, а пошто Заев не знае англиски, на средбата таа зборела и таа му преведувала што кажуваат Европјаните. Негово е да се смешка, да клима со глава, и да се слика за медиуми.

Откако се вратија од Брисел, еве месец дена, Заев го нема во јавноста. Едноставно, тој не е ни сигурен што правеле таму, за што се зборувало и се договарало.

Радмила го проголта Заев како анаконда кога голта зајак за доручек.
Преку амнестираното лице од Струмица таа доби уште година дена продолжен рок на употреба. Се до наредните избори во април, кои СДСМ, сосема извесно, ќе ги загуби, по што следува нова чистка и, конечно, можност за нова политика и нови кадри.

Нејзината вродена потреба за интриги, подметнувања и местенки не ја напушти.
Јавајќи го Заев, преку кого, времено, се спаси од политичката ништожност, таа не можеше да издржи, а да не се одмаздува во партијата. Дваесет години трпеше да биде креативно инфериорна во однос на Наташа Савова и нејзиниот префинет вкус наспроти ладната трајна на Радмила, по која стана позната и предмет на потсмев.

Нејзината омраза кон Савова, која толку долго и беше последна непремостлива препрека до местото крај Бранко, ескалира деновиве. Реши да не ја стави на листата со кандидати за пратеници на наредните избори.

Омразата кон Бранко, толку обожаван од неа, а никогаш не и возвратил како што заслужила... деновиве ескалира во чистка на сите негови луѓе во партијата. Таа не му заборава една Нова година, во Комерцијална банка во Маврово, кога од Бранко е побарано да излезе и да си бара друго место за пречек, бидејќи нејзиниот тогашен дечко, а денес сопруг, не бил на ниво за да слави со нив.

Таа не му заборава ни на Бучковски, кој отсекогаш, доминирал над неа со интелектот, политичката култура и знаења. Буч доцна сфати дека на неговото судење не го мести ВМРО, туку неговите од партијата. Кога беше во фаза на истрага, замоли да не се прават митинзи и протести пред судот, бидејќи така се провоцира судот врз него да докажува самостојност и авторитет. Само два дена потоа, како за инает на неговата молба, Шекеринска се нацрта во прв ред на партиските демонстрации, со тупаници по полицајците.

Без Бранко, Савова и Бучковски... таа е гола вода. Облечена во најскапа гардероба видена во македонскиот политички свет, возејќи се во скапи џипови, сопственичка на пет станови, нафатирана со најмалку 63.000 евра годишна кирија за станот кој му го изнајмува на сопствениот сопруг, иако им е заеднички имот... нејзината злоба, гнев, омраза, сплетарство и интриги покренаа нешто што никој во Европа не го направил, бидејќи јавноста никогаш не би му го простила. Почна кампања со прозивка колку имот имаат новинари, граѓани вработени во приватни фирми за да заташка имот на државен функционер, кој, по дефиниција, одговара за имотот пред граѓаните... и новинарите.

Кога тоа би можело така, како Рада, би се применувало веќе и на други места.
Гола вода. Колку и да троши на себе, а троши многу, никогаш нема да биде поубава и поелегантна од Наташа Савова. Колку и да врти по странство, и да се лигави кај дипломатите, никогаш нема да ја има политичката култура и знаење на Бучко. Може уште еден живот да потроши, но харизмата и талентот на Бранко нема да го стаса...

Ја заглави во афери и фирмата на сопругот, Дајнерс. Сега кога видовме се, јасно е дека секое наше трошење пари преку Дајнерс картичките е финансирање на нејзината ладна трајна, париската гардероба, скапите џипови, во шестиот, седмиот, осми стан...
Финансирање, и ширење на канцерот.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер

02.02.2014 - 23:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега