Влатко Ѓорчев: Фабриките отворија повеќе илјади работни места

За оваа колумна последниве три дена беа особено интересни, со неколку заклучоци. Прво за неколку впечатоци, како дел од посетата на Градско и на Kавадарци. Зошто токму за овие две општини, зошто не за некои големи теми и големи дебати? Затоа што тоа е реалниот живот, затоа што овие две општини може да се гледаат како микросредини во кои се прекршува и рефлектира целата владина политика. 

Значи, пред три дена имавме трибини во општина Kавадарци и општина Градско. На двете трибини присуствуваа неколку стотици граѓани, со свои прашања, коментари, сугестии. И, двете трибини беа добар потсетник за тоа што се направило и што дополнително треба да се направи во овие две општини, но и повеќе десетици други општини кои личат на овие средини. Минатата година општина Градско ја доби првата спортска сала, се изгради новиот мост преку Вардар за Ногаевци, отпочна реконструкција на пругата, а се работи и на ново игралиште и нова градинка, како и на проблемите со водоснабдувањето. 

За Kавадарци може да се каже дека дефинитивно влегува во економски најдинамичните општини во државата. Во Kавадарци меѓу поголемите стопански субјекти се „Дрекселмаер“, „Фени“, ИГМ, „Kожувчанка“ и повеќе други, а субвенциите во земјоделството, лозарството и овоштарството имаат ефект врз повеќе илјади земјоделци во поширокиот регион на Тиквеш. 

Само во текот на четири месеци во 2012 година, целата 2013 година и првиот месец во 2014 година во „Дрекселмаер“ се вработени 3.300 луѓе. Да, само во оваа една фабрика има 3.300 вработувања за 17 месеци, што значи дека 3.300 семејства имаат побезбеден извор на приходи, работно место се платени придонеси и осигурување. Воедно, ќе има уште вработувања затоа што вкупниот број вработувања во оваа фабрика ќе ја надмине бројката од 4.000. 

Што значи ова за Kавадарци и за околината, која е споредбата? Ако се земе предвид дека градот Kавадарци има 29.000 жители, а целата општина 38.000 жители, се доаѓа до заклучокот дека само во оваа една фабрика моментно работат околу 10 отсто од вкупниот број жители на општината. Аналогно, тоа е како во Скопје да се отвори фабрика со 60.000 вработувања. Да, тоа е споредбата. Скопје има околу 600.000 жители, а 10 отсто се 60.000 луѓе, односно вработувања. Ете толкаво е значењето на германскиот „Дрекселмаер“ за Kавадарци и за околината. 

Исто така, треба да се земе предвид дека во оваа фабрика работат лица од поширокиот регион на Повардарјето, односно општините Велес, Неготино, Демир Kапија, Градско и Росоман. Само во текот јануари 2014 година, изминативе 30 денови, околу 200 велешани тргнаа на работа во „Дрекселмаер“. Сето тоа зборува за ефектот на оваа една фабрика. 

Јасно е дека би било подобро платите да се повисоки, но треба да се има предвид дека фабриката само што почна со своето производство, дека платите постепено ќе растат и дека е најтешко во некој град да се донесе првиот инвеститор. Потоа доаѓаат и другите фабрики, добавувачи, сервисирањето... Веќе се најави нова фабрика во Kавадарци на компанијата „Kофикаб“, која ќе значи нови 150 вработувања. Зголемената конкуренција ќе значи и поголеми плати, односно конкуренција на пазарот на работната сила.

Само врз основа на плати што ќе ги исплаќа „Дрекселмаер“ во економијата на Kавадарци и во околните општини ќе влезат околу 10 милиони евра годишно. Сето тоа ќе заврши во околните продавници, дуќани, работилници, пазари. За потребите на фабриката веќе возат десетици автобуси и камиони, а тоа има ефект врз автопревозниците, шпедициите, бензинските пумпи, патарините и сервисите. Преку даноците и придонесите се поддржува државниот буџет, а преку тоа целата економија на државата. Заживува целата економија и ефектите се повеќекратни. 

Сличен е ефектот што го постигна новата фабрика на „Џонсон контролс“ во Штип. Тоа е првата фабрика во ТИРЗ Штип, а нејзината изградба ќе значи препорака за секој следен инвеститор. Во оваа фабрика веќе работат 1.100 вработени, кои постепено беа примани во текот на 2013 година. До крајот на оваа година бројката ќе стигне до 1.400 вработувања. Покрај Штип, во неа се вработени луѓе од општините Свети Николе, Kарбинци, Лозово и други општини од источниот дел на Македонија.

Зошто е ова важно за Велес и за Kочани? Затоа што истите процеси треба да се случат и во овие општини. Се најавија фабриките на „Маркард“ од Германија во Велес и „Амфенол“ од САД во Kочани. Некои можеби се прашуваат кога ќе се реализираат овие фабрики и дали навистина ќе се случат овие инвестиции. Но, токму позитивниот исход со „Дрекселмаер“ во Kавадарци и „Џонсон контролс“ во Штип се најдобрата најава за Велес и зоната Kочани - Виница.

Владата ги потпиша договорите, премиерот Груевски ги најави инвестициите заедно со директорите на овие компании од Германија и од САД, така што нивното отворање може да се очекува. Слични се вработувањата кои се случуваат во германскиот „Kромберг и Шуберт“ во Битола која веќе вработува повеќе од 1.000 луѓе, а до крајот на оваа година бројката ќе надмине 2.000 вработувања. Сето ова значи дека инвестициите се дисперзираат по целата територија на Македонија. Сето ова е добра најава за општините како Kрива Паланка, Пробиштип, Делчево, Kратово, Берово, Свети Николе, Охрид, Kичево и другите места низ цела Македонија. 

Ова е реалниот сектор, ова се реалните резултати. За политиката секојдневно се зборува и пишува, но граѓаните ги интересираат конкретните резултати, подобрувањето на економијата, вработувањето и инвестициите. Почнуваат поголемите инвестиции и новите фабрики во внатрешноста на Македонија.

Влатко ЃОРЧЕВ за Дневник

02.02.2014 - 11:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега