ДИК подготвени за претседателски но и предвремени парламентарни избори

Државната изборна комисија е подготвена за одржување на претседателските избори. Ова за МИА го изјави претседателот на Комисијата Никола Рилкоски.

- ДИК ќе почека официјално да добие решение за распишување на изборите и можеби уште веднаш, а најдоцна во недела ќе одржие седница на која што ќе ги верифицираме одлуките што се однесуваат на подготовките и носењето на актите кои се во врска со одржувањето на изборите, како што се роковникот за работење, финансискиот план итн. Во секој случај ДИК уште во претходниот период се подготвуваше и мислам дека спремни ќе го дочекаме стартот на овие избори, изјави Рилкоски.

Се поизвесно е одржување предвремени парламентарни избори, а ДИК се подготвува и за тој момент: - Доколку биде така, а според моите сознанија се поизвесно е дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори ние и за тој момент се подготвувавме. Ако предвремените парламентарни избори се одржат во вториот круг од претседателските ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите, меѓутоа и тој дел од работењето мислам дека веќе го имаме избалансирано и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите наши обврски, изјави Рилкоски.

Рилковски истакнува дека еден од најголемите проблеми би било одржувањето на молкот, но смета дека ќе се најде решение и за ваков проблем.

За избирачкиот список Рилкоски вели дека тој се прочистува, но и оти не може да каже дека е среден и колку е среден имајќи предвид дека ДИК се уште не ја презела надлежноста за него.

- Во тој дел имаме направено еден чекор понапред. На една од последните седници на ДИК донесовме заклучок и побаравме од Владата да ни овозможи целокупна изработка на избирачкиот список, дека сме спремни да ја преземеме и со вработените и со техничко-технолошкиот дел, односно софтверот, програмата итн. Прашање е сега Владата како и кога ќе одговори, изјави претседателот на ДИК Никола Рилкоски.

 

31.01.2014 - 13:53
Фото: 
а1он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега