Општина Илинден започна со изработка на урбанистичка планска документација

Во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, општина Илинден започнува со реализација на проектот за изработка на урбанистичка планска документација, вреден 4,8 милиони денари.

- Согласно својата Стратегија за локален економски развој, општина Илинден е насочена кон урбанизирање на просторот се со цел да се излезе во пресрет на барањата на своите граѓани, но и на потенцијалните инвеститори. Во рамки на овој проект е опфатена изработка на урбанистички планови во вкупна површина од 520,38 хектари, изјави градоначалникот на Илинден Жика Стојановски.

Со урбанизацијата на овој простор, како што рече, директно ќе се влијае во подобрувањето и поедноставувањето на постапката за легализација на бесправно изградените објекти во општина Илинден.

- Досега се прифатени 6.146 барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, од кои се издадени  3.178 решенија и согласности за легализација или 52 отсто од поднесените барања, рече Стојановски.

Тој додаде дека урбанизацијата ќе овозможи и формирање на нови економски зони за привлекување на домашни и странски инвестиции со што, како што рече, директно ќе се влијае во интензивирањето на локалниот економски развој и отворање на нови работни места.

 

 

30.01.2014 - 18:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега