Македонија и Словенија потпишаа соработка во социјалната сфера

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска се сретна со словенечкиот министер за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности, Ања Копач Мрак.

На средбата,тие разговараа за системот на вработување на инвалидни лица во Словенија, а во  насока на подготовка на нова законска регулатива за вработување на лицата со инвалидност и нивна поголема интеграција во економско-социјалниот живот. Акцент бил ставен на  имплементацијата на квотниот систем на вработување на лица со инвалидност, односно вработување на лица со инвалидност кај работодавачи коишто имааат одреден број на вработени согласно со нивната инвалидност и квалификација. Станало збор и за предносите на овој систем, мерките коишто Словенија ги презема во насока на приближување на лицата со инвалидност во однос на нивните способности и квалификации за пазарот на труд, работата на посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност, како и даночните поволности за работодавачите коишто вработуваат лица со инвалидност.

Министрите Спасов и Мрак ги потпишаа Договорот за изменување и дополнување на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Словенија, како и Административната спогодба за негово спроведување.

Имено, Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Словенија се применува од април 2001 година. Со овој Договор се овозможува остварување на права од социјално осигурување на граѓаните и членовите на нивните семејства доколку работат или работеле во една или двете држави. Исто така, се остваруваат и права на старосна, семејна и инвалидска пензија, здравствено осигурување за работници и корисници на пензија, како и членовите на нивните семејства, право на паричен надоместок за време на невработеност и право на детски додаток.

Постојните одредби од Договорот во делот на здравствената заштита регулираат можност за лекување на осигуреници од едната држава во другата доколку се работи за итен случај, а не и за планирано лекување. Сега, пак, со измените на Договорот се овозможува заминување на планирано лекување на осигуреникот во случај кога се исцрпени сите можности за лекување во неговата држава.

Постојниот Договор предвидува правото на паричен надомест за време на невработеност и детски додаток да се исплаќа доколку граѓанинот има постојано живеалиште во Република Словенијаa, а со измената на  Договорот за социјално осигурување се прецизира дека правото на паричен надоместок за време на невработеност и детски додаток ќе се исплатуваат и доколку лицата имаат привремен престој во државата во која што го стекнале тоа право.

Согласно со Договорот за социјално осигурување во декември 2013 година се исплатени 180 македонски пензии на граѓани коишто живеат во Република Словенија, а во Македонија се исплаќаат 1036 словенечки пензии на македонски граѓани.

30.01.2014 - 17:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега