Тринаесет сообраќајки осуммина повредени - се пролеа крв на скопските улици

 

Во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје се случиле 13 сообраќајки. Во две несреќи, со тешки повреди се здобиле еден возач на моторно возило и еден пешак. Во четири од нив, тројца возачи на моторни возила, еден сопатник и двајца пешаци заработиле телесни повреди, а во седум од сообраќајките е причинета само материјална штета.

Според информациите од МВР, вчера биле казнети пет возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол, девет возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосница, тројца возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин и 10 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин.

Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се вкупно 68 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира сообраќајна поука, која ќе се одржи во просториите на Полициската станица од општа надлежност „Гази Баба“ со почеток во 19 часот. На обуката ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи кои со возилата непрописно се престроиле пред крстосница, што не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилата, како и возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движењето.

Во рамки на сообраќајно воспитната акција „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Лазо Трповски“ кое се наоѓа на територијата на општина Карпош со учениците од второ и четврто одделение.

За денеска не се најавени вонредни настани и се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

30.01.2014 - 09:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа