ВМРО-ДПМНЕ: Обновата на железничкот возен парк беше неопходна

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска го поздрави склучувањето на договорот за набавка на нови 150 товарни вагони, како и одлуката со која во месец март треба да се потпише договор за нови најсовремени 6 гарнитури за патнички возови од кои 4 дизел и 2 на електричен погон.

-Сите знаеме дека оваа обнова во возниот парк на железничкиот сообраќај е и повеќе од потребна ако се земе во предвид дека низ Македонија се упатуваат стари и истрошени железнички возила кои до некаде не се ниту безбедни. Обнова на возниот парк на железничкиот сообраќај се прави првпат после 40 години, рече пратеничката Лилјана Кузмановска на денешната прес-коференција.

Првата пратка на нови и современи товарни вагони се очекува во месец јули додека останатите би требало да пристигнат до крајот на годината. Додека, најавениот договор за набавка на нови патнички возови ќе обезбеди патнички железнички сообраќај со капацитет од 1200 места, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ова е прв пат досега една Влада да се реши на ваков чекор односно да ги замени старите и истрошени локомотиви и вагони со нови и современи. Железничкиот сообраќај во Република Македонија спаѓа во еден од најкористените во Република Македонија и за тоа оваа одлука е за поздравување. Оваа мерка е и повеќе од потребна за граѓаните на Република Македонија. Посебно, бенефит од новите локомотиви и вагони ќе видат граѓаните од внатрешноста на Македонија. Граѓаните на градовите како Велес, Прилеп, Битола, Кочани, Неготино, Гевгелија и други со новите вагони и локомотиви ќе можат побезбедно и побрзо да ги извршуваат своите обврски, рече Кузмановска.

 

Владата на Република Македонија, додаде пратеничката, покажа дека се грижи за граѓаните на својата земја, обезбедувајќи нови автобуси за градскиот превоз, а потоа и со обнова железичкиот возен парк. Ова, рече Кузмановска, се проекти кои долгорочно ќе влијаат на подобрување на возниот парк на сообраќајните претпријатија во Македонија.

-Повторно жалиме што СДСМ никако не може да покаже заинтересираност кога се во прашање проблеми од ваков тип и да излезе и кога веќе не може да ги оствари кога е на власт, редно е барем да ги поздрави. Не бараме СДСМ да ги поздрави овие проекти поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги реализира, туку бидејќи се од општ благодет за граѓаните на Република Македонија, истакна пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

 

29.01.2014 - 13:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега