ВМРО-ДПМНЕ: Тендери од Струмица и за фирмата на сопругот на пратеничката Цветанка Иванова

Заев дал тендери во вредност од 20.111.810 денари на фирмата на сопругот на Цветанка Иванова.

Зоран Заев преку добро разработениот тендерски систем во Струмица, милионски приход и обезбедил и на семејната фирма на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова.

Ова е врв на сомнителното работење на Зоран Заев како Градоначалник на Општина Струмица. Зар и денес ќе се правда дека се било законски, а 48 пати потпишувала Општина Струмица и нејзините институции набавки со сопругот на познатата пратеничка од СДСМ и очигледно негова блиска соработничка.

Зар Зоран Заев 48 пати не знаел дека се потпишуваат договори со фирма на сопругот на Цветанка Иванова?

Ако досега во јавноста презентиравме цврсти докази и факти со кои полека но сигурно се разоткрива системот на Зоран Заев за лично и семејно богатење, денес ќе обелодениме нови документи кои на овој скандал му даваат нова, поширока и уште позастрашувачка димензија.

Очигледно, Зоран Заев освен на фирмите од неговото семејство и неговите бизнис партнери, во повеќе наврати, јавни набавки со вкупна вредност од 20.111.810 денари доделил и на фирмата „ДИКОР“ во сопственост на сопругот на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова, Димчо Иванов. Од нив, на фирмата „ДИКОР“, преку склучување на 42 договори за јавни набавки со Општина Струмциа и биле доделени 14.567.077 денари, додека пак, со склучување на 6 договори за јавни набавки со Јавното Претпријатие Комуналец, на фирмата ДИКОР и биле доделени уште 5.544.733 денари.

За Зоран Заев, очигледно други фирми во Струмица освен оние во сопственост на семејството Заеви и нивните бизнис партнери, како и да не постоеле. Речиси сите фирми од кланот Заеви имаат добивано јавни набавки од Општина Струмица и нејзините институции.

Ако на некого не му беше јасно како Зоран Заев и фирмите на кланот Заев заработиле 2 милиони евра во само една година, со овие документи тоа лесно се гледа. Тендерите одат на прецизно селектирани фирми, а тие фирми понатаму се најуспешните и најпрофитабилните фирми во Струмица.

Ова претставува класичен пример за искористување на позицијата градоначалник на Општина Струмица, исклучиво само за лично и семејно богатење, богатење на своите пријатели, како и за богатење на своите блиски бизнис и партиски соработници.

Според ова, веќе не станува збор само за семеен, туку и за добро испланиран семејно-политички бизнис систем за искористување на парите на граѓаните.

Очигледно, мрежата на Зоран Заев за испумпување на народни пари е длабоко навлезена во струмичкото општество.

Го прашуваме Зоран Заев, уште колку фирми и уште колку милионски тендери треба да излезат на виделина, за тој конечно да се појави пред македонската јавност и да ги објасни овие скандалозни јавни набавки.

Овие набавки никој нема да ги заборави, а Зоран Заев не може да се скрие толку многу колку што јавноста ќе му поставува прашања.

Наместо да се крие, да не се појавува со недели или пак да држи прес-конференции на оддамна апсолвирани теми, Зоран Заев мора да и објасни на јавноста за сите скандали кои го пратат долго време

(Интегрален текст од прес конференција на Даниела Рангелова, ВМРО-ДПМНЕ)

27.01.2014 - 12:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега