Македонска делегација на јануарската сесија на ПС на Советот на Европа
Делегација на македонското Собрание ќе учествуваат на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе се одржува од денеска до 31 јануари 2014 година во Стразбур, Франција. Во состав на македонската делегација се Александар Николоски, шеф на делегацијата и членовите Ермира Мехмети и Игор Ивановски.
Главни теми за кои ќе се дебатира на јануарската сесија ќе бидат случајот Магнитски, влијанието на интернетот врз политиката, како и интеграцијата на мигрантите во Европа. Ќе се расправа и за борбата против климатските промени, евалуацијата на „партнерството за демократија" со Палестинскиот национален совет и оправданоста на меѓународните организации за кршење на човековите права. Поднесено е и барање итна точка на дневниот ред да биде функционирањето на демократските институции во Украина.
Австрискиот канцелар Вернер Фејман и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ќе се обратат пред пратениците на Собранието, додека претседателот на италијанскиот Дом на пратениците Лаура Болдрини ќе учествува во заедничката дебата за справување со расизмот и нетолеранцијата.
Генералниот секретар на Европа, Торбјорн Јагланд ќе поднесе извештај, а австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, во својство на претседавач со Комитетот на министрите, ќе ги презентира приоритетите на австриското претседателство, а ќе одговара и на прашања од парламентарците.
Пратениците во Парламентарното собрание на Советот на Европа на почетокот на оваа сесија ќе избираат и нов претседател за мандат од две години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа