Почнува обновата на патиштата Дељадровци - „Свети Ѓорѓија“ и Кадино - Миладиновци

Општина Илинден денеска почна со реализација на двата инфраструктурни проекта од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој кои предвидуваат рехабилитација на локалните патишта Дељадровци - Манастирски комплекс „Свети Ѓорѓија“ и Кадино - Миладиновци.

За изградба на патот Дељадровци - „Свети Ѓорѓија“ во должина од 700 метри и широчина пет метри се одвоени 4,5 милиони денари, а за Кадино - Миладиновци во должина од 2,7 километри, вкупно 16,5 милиони денари.

- Ова е вистински пример како еден граданочалник води грижа за развој на својата општина, но воедно и за тоа дека централната и локалната власт, заедно, можат многу повеќе да направат за поквалитетен живот на граѓаните, рече заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски.

Коњановски потенцираше дека сите жители имаат еднакво право да живеат во уредени средини, па, затоа секоја година се одвојуваат финанскиски средства за инфраструктурни проекти.

- Годинава, од вкупната поддршка за земјоделците која изнесува 140 милиони евра, 2,45 милијарди денари се наменети за рурален развој, за жителите на помалите рурални средини да имаат квалитетен живот. Лани, преку програмата за рурален развој, општина Илинден аплицираше за неколку проекти во вкупна вредност од 21,7 милиони денари. Сите беа одобрени, а денеска почнува реализацијата на првите два, посочи заменик министерот.

Според градоначалникот Жика Стојановски, целта е брз и одржлив локален економски развој, подобрување на условите за живеење и стандардот на граѓаните.

- Првиот проект е особен битен за регионалниот и руралниот развој на општината, за жителите од населените места. Во рамки на вториот целосно ќе биде асфалтиран патот кој ги поврзува сите 12 населени места во општината и претставува нејзина артерија, рече Стојановски.

Тој најави реализација и на трет проект, за изработка на урбанистички планови кои ќе овозможат, нагласи, простор за нови инвестиции, површини за подобро живеење и легализација на куќите.

Директорот на Платежната агенција Тони Димовски смета дека со секој ваков проект каде Владата е инвеститор, ќе се унапреди руралната средина.  

Преку Програмата за рурален развој ќе бидат реализирани 134 проекти во 70 општини

24.01.2014 - 13:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега