Вељановски пред хрватскиот Сабор: Да продолжи поддршката за ЕУ и НАТО
Собранискиот спикер Трајко Вељановски денеска престојува во официјална посета на Хрватска каде се обрати пред пратениците на хрватскиот Сабор.
- Продолжете да ја давате поддршката која досега ја дававте за Македонија за интегрирањето во НАТО и Европската унија, затоа што заеднички ќе можеме да постигнеме уште поголеми успеси, битни за Македонија и за Хрватска, но и за целиот регион. Искуството кое несебично го споделувате со нас ни овозможува со леснотија да ги совладуваме тешките препреки на патот кон полноправното членство. Истовремено, благодарни сме и за целата дипломатска и политичка помош и поддршка, истакна македонскиот претседател на Собранието.
Според Вељановски, двете земји заедно го одеа патот кон полноправното членство во НАТО, учествуваа во меѓународните мисии, но за разлика од Хрватска, која стана членка на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија тоа не го направи, од добро познати причини.
- Тоа е непринципиелниот однос кој со години го трпиме заради тоа што се викаме Македонија. Меѓутоа, ние друго име немаме. Тие сме и такви ќе бидеме, подвлече Вељаноски, додавајќи дека работиме посветено за изнаоѓање решение во разговорите со Грција за надминување на состојбата.Независно од реформите што ги правиме, наспроти фактот што постојано добиваме позитивни оценки, ние не се радуваме, бидејќи успесите не се вреднуваат со наш влез во следната фаза од нашата интеграција во Унијата. Години со ред добиваме позитивни извештаи од Европската комисија со препораки за почеток на преговорите за членство, но Советот на унијата, заради противењето на Грција, таквата препорака не ја потврдува, рече Вељаноски.
Вељановски потсети дека Хрватска беше меѓу првите држави кои ја признаа независноста на Република Македонија, на 12 март 1992 година, но и за официјалното признавање на Македонската православна црква.
- Ваквиот однос кон македонското малцинство, е потврда дека за демократска Хрватска, како и за нас, во Македонија, малцинствата се мост кој не спојува. Многу исчекори направивме на овој план и, верувам, дека нашите две држави полека стануваат пример како една демократска власт треба и мора да се однесува кон припадниците на различните малцински етнички и верски групи, додаде Вељаноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа