Македонците најмногу се одмараат - неработни дури 16 денови во годината

 

Според националните календари и законски уредените денови за празнување, Македонија, заедно со Кипар и Словачка, e меѓу европските земји со најмногу празници во годината.

Како неработни денови за сите граѓани се прогласени 11 државни празници. Тука спаѓаат Нова Година, Божик, 1 Мај – Денот на трудот, вториот ден на Велигден, 24 Мај посветен на Св. Кирил и Методиј, 2 Август – Денот на Републиката, првиот ден на Рамазан Бајрам, 8 Септември- Денот на независноста, Денот на народното востание 11 Октомври, 23 Октомври Денот на револуционерната борба и 8 декември Св. Климент Охридски.

Освен државните, во земјава се празнуваат и верски празници. Така за верниците од православна вероисповед уште пет дена се неработни - Бадник, Водици, Велики Петок, Духовден и Голема Богородица. Верниците од католичка вероисповед празнуваат уште три дена – католички Божик и Велигден и Празникот на сите светци. Припадниците на муслиманска вероисповед, пак, го одбележуваат и Курбан Бајрам.

Согласно законот и секоја етничка заедница има свој празник, па листата на празници се зголемува за уште по еден ден за припадниците на албанската, српската, турската, ромската, влашката, еврејската и за бошњачката заедница.

Рекордер во регионот е Словенија со 15 дена државни празници. Еден ден помалку има Хрватска, Бугарија има 13, а Грција 12 дена. Во Босна и Херцеговина иако нема закон за празници како државни празници, односно за задоволување на верските и традиционалните потреби се одбележуваат 10 дена. Во Република Српска, пак, за неработни прогласени се 11 дена.

Нашиот северен сосед, пак, е на дното на листата со само осум неработни празнични дена како државни празници. Но, во Србија за неработни денови се прогласени и неколку верски празници,па вкупната бројка неработни денови изнесува 13. Така за православните верници и за католиците неработни се и Божик прв ден, како и четири дена Велигден, соодветно согласно нивниот календар. Покрај ова, христијаните имаат право на неработен ден за семејната слава, припадниците на исламската заедница го празнуваат првиот ден од Рамазан Бајрам и Курбан Бајрам, а евреите Јом Кипур. 

Лидери меѓу другите европски земји се Кипар и Словачка со 15 денови прогласени за државни празници. Веднаш зад нив се Шпанија и Малта со 14 дена, Австрија и Португалија имаат 13 неработни денови за време на државните празници, Шведска 11 дена колку што имаат и Французите и Полјаците. Финците и Италијаните имаат 10 неработни денови поради државни празници колку што имаат и државјаните на Луксембург. Германија има девет, а на дното на листата се Велика Британија и Холандија со осум неработни дена како државни празници. 

Во светот пак, Колумбија е на врвот на листата со 18 дена прогласени за државни празници, а најмалку има Мексико, само седум дена.

Во САД, една од најразвиените земји во светот не е предвидена законска можност за платен годишен одмор и празници, но тие прашања се регулирани различно согласно посебните политики на институциите и компаниите, односно со колективните договори на синдикатите.Во Канада за неработни се прогласени девет дена.

Јапонија, пак, која исто така влегува во групата на најразвиени земји во светот, празнува 15 дена. Најмногу неработни денови во азиско-пацифичкиот регион имаат Индија, Тајланд и Малезија - вкупно 16. Во Австралија, се празнуваат девет дена.

24.01.2014 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега