Војниците задоволни од одлуката на Владата

Првите луѓе од Министерството за одбрана денеска се сретнаа со синдикалните претставници со кои разговараа за новото законско решение со кое на професионалните војници им се решава статусот по завршувањето на работата во Армијата. 

Генералниот секретар Ацо Спасовски денеска ја поддржа оваа измена: - Ја поздравуваме ваквата одлука, како и решението до крајот на месецот да биде донесено законското решение за околу 3.700 професионални војници. Оваа одлука ни ја зголемува мотивираноста за над 100% бидејќи сите професионални војници сега ќе знаат дека статусот им е решен, нагласи Спасовски, пренесе Курир.

Ваквото законско решение со кое по 45 години професионалните војници ќе бидат вработени во државните служби позитивно влијае пред се на професионалноста на војниците и во процесот на завршување на бараните борбени задачи, сметаат од независниот Синдикат.

Заменик министерот за одбрана, Емил Димитриев истакна дека првата важна димензија е тоа што професионалните војници по нивната служба во Армијата ќе може да стекнат услови за пензија, додека втората е тоа што ќе ги мотивира војниците.

За потсетување, Груевски синоќа обелодени дека со две крупни мерки кои се однесуваат на статусот на професионалните војници и на стечајците Владата го решава социјалниот статус на 7000 граѓани. 

- Го задолжуваме Министерството за одбрана во рок од 10 дена да достави Предлог-закон со кој ќе се овозможи прераспределба на војниците во државна служба, соопшти премиерот Груевски на заедичката прес-конференција со сите владини министри и додаде дека ги задолжуваат Министерствата за Труд и социјала, како и Агенцијата за вработување да изготват законско решение со кое ќе се реши статусот и на социјалците кои останале без работа заклучно со 31.12.2013. За нив ќе важат сите услови како и за лицата кои беа опфатени со претходниот закон.

15.01.2014 - 14:39
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега