Владата најде решение за проблемот на професионалните војници и стечајците

Премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата соопшти дека професионалните војници по завршувањето на службата во АРМ ќе се вработуваат во државните институции до нивно пензионирање.

Законското решение што треба да го регулира ова прашање ќе биде изготвено најдоцна за десет дена од Министерството за одбрана, а се очекува да биде донесено до крајот на идниот месец. Војниците  ќе се вработуваат согласно нивните квалификации и способности, во министерствата за одбрана и за внатрешни работи, во судската полиција, шумската полиција.

„Со ваквото решение продолжуваме со подобрување на состојбата на професионалните војници, процес што почна со исполнување на нивното барање пред 1,5 година кога ја продолживме старосната граница до која може да служат во АРМ, од 38 на 45 години“, нагласи Груевски.

Покрај ова на седница беше одлучено и да се донесат аконски измени за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени или технолошки вишок и по 2004 година, односно до 31 декември 2013  година, од државни фирми или од фирми со доминатна државна сопственост. Со ваквото, решение потенцира Груевски, ќе се реши проблемот на околу 3.000 лица. Тие ќе добијат по најмалку 7.100 денари односно 34 отсто од просечната плата остварена минатата година плус здравстевено осигурување. Средствата во висина од околу четири милиони евра ќе се обезбедат од државниот Буџет.

 

„Двете мерки што ги донесовме, за професионалните војници и за стечајците од државните фирми, ќе решат голем предизвик со кој се соочуваат над 7.000 граѓани. Не беа дел од  владината изборна програма, но по  направените анализи и проценки оценивме дека може да се реализираат“, посочи премиерот Никола Груевски.

14.01.2014 - 17:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа