240 милиони долари за прекршување на одредбите од Законот за хендикеп

 

На 32-ца работници со интелектуална попреченост им се доделени 240 милиони долари, како епилог на судскиот процес во кој адвокатите на владата на САД успешно докажаа дека биле подлегнати на повеќегодишно вознемирување и дискриминација од страна на нивниот работодавач.

Работниците биле вработени во фабрика за преработка на мисирки (Henry’s Turkey Service) 20 години. За тоа време тие биле приморани да живеат во суб-стандардни услови и биле вербално и физички вознемирувани, според тужбата од Комисијата за еднакви можности при вработувањето на САД против сопственикот на фабриката.

Судот во сојузната држава Ајова ги прифати наодите на Комисијата дека компанијата го прекршила Законот за хендикеп во Америка и на секој од нив му додели по 2 милиони долари за претрпена штета, како и по 5,5 милиони долари како компензација.

Сумата од 240 милиони долари за прекршување на овој Закон е најголема до сега.

„Оваа пресуда праќа значајна порака дека ваквото однесување нема да се толерира во САД. Се надевам дека истата ќе помогне да се врати достоинството и да се признае човечноста на работниците кои биле малтретирани толку долго време,“ рече Jacqueline Berrien, претседател на Комисијата за еднакви можности при вработување.

Адвокатите на Комисијата кои ги застапуваа оштетените рекоа дека на нив им била ускратена здравствената нега и често биле нарекувани „ментол“, „глупав“ и „смотан“. Со оглед на нивниот хендикеп, работниците воопшто не ни биле свесни за нивото на прекршување на нивните права.

 

најчитано сега