ЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци од областа на машинството, енергетиката и хидрауличното инженерство

 

АД ЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци од областа на машинството, енергетиката, екологијата и хидрауличното инженерство. Ова го предвидува Меморандумот за соработка што компанијата денеска го потпиша со Машинскиот факултет од Скопје и Факултетот за природни и технички науки во Штип.

- Инвестирањето во знаењето и во младите кадри е од особено значење за развојот на македонската индустрија, за економијата и за државата воопшто, истакна директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски по парафирањето на документот.

Како што истакна деканот на Факултетот за природни и технички науки во Штип Зоран Панов, Меморандумот ќе го подигне нивото на соработка меѓу трите институции. - Студентите и постдипломците ќе имаат комплетен увид во она што ќе биде нивна професија преку учество на семинари, работилници, проекти. Воедно, етаблирани експерти од нашите факултети ќе ги советуваат стручните кадри во ЕЛЕМ за одредени проблеми и за воведување модерни технологии во секојдневното работење, нагласи Панов.

- Состојбата со акумулациите е стабилна, нивото за овој период од годината е одлично. Дел од термоелектраните дури се и исклучени токму поради зголемените водостои, а некои електрани го исполнија планираното производство, рече Бошковски.

Во врска со проектот „Шар Планина - мастер-план“ веќе се изготвува документацијата за да се објави огласот за јавно-приватно партнерство. Почнати се активностите од првата фаза кои ќе траат оваа и наредната година, а се однесуваат на жичницата, езерото, реновирањето на хотелите, паркинг-просторот и ски патеките. За дел се распишани тендерите. Гондолата од Тетово до Попова Шапка е поголем проект, опфатен со третата фаза од мастер планот.

ФОТО: Сител 

најчитано сега