Ристовски: Годинава низа реформи во корист на учениците
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, изјави дека образованието е највредната инвестиција во животот и дека можностите кои постојат денес треба да се искористат за лична надградба и просперитет.
Запрашан што ја одбележало минатата година во областа на образованието министерот во интервју за Курир одговара: -Во 2013-та година беа спроведени неколку крупни реформски процеси, со коишто се издигна квалитетот на македонскиот образовен систем. За прв пат се имплементираше процесот на екстерното тестирање, односно се проверуваа постигнувањата на учениците и објективноста на наставниците при оценувањето. Потоа, како пилот проект во две основни училишта во Скопје, „Браќа Миладиновци“ и „Кирил и Методиј“ се воведе меѓународната ИБ-програма со којашто целосно се отфрли класичниот начин на предавање на табла. Реакциите се позитивни, така што можно е проширување на оваа програма и во училишта во други општини во земјата. Би ги споменал и активностите за подобрувањето на образовната инфраструктура. Отворивме 5 целосно нови училишни згради во Аеродром, Вевчани, Хром, Чаир и Арачиново, шест монтажни училишта, реконструиравме 30тина училишни објекти, изградени и отворени беа 12 училишни спортски сали, а го помогнавме и проширувањето на неколку високо образовни установи – како УИНТ во Охрид, велешкиот Технолошко-технички факултет во состав на УГД и така натаму. Посебно значајно е што потпишавме договор со Меѓународниот центар на наставни програми во состав на Кембриџ, еден од водечките универзитети во светот, за имплементација на национално ниво на нивните наставни програми и учебници по математика и природни науки, со прилагодување на националните особености. И тоа ќе биде една голема образовна привилегија за македонските ученици. Кембриџ ќе му обезбеди супериорност на македонскиот образовен систем и ќе бидеме во друштво со земјите со еден од најсовремените и најквалитетни образовни системи во светски рамки. Има и други 30тина крупни проекти на кои работевме во 2013 година, но во суштина ова се најзначајните.
За екстерното тестирање министерот Ристовски вели дека е една суштинска реформа, прифатена во најголем дел од земјите членки на Европската унија, преку која се проверуваат постигнувањата на учениците и објективноста на наставниците при оценувањето. И тоа е истиот процес којшто моите преходници го најавија пред неколку години, а беше тестиран пред точно 2, период во којшто немаше ниту една забелешка, реакција, протест и слично и покрај тоа што беше најавено дека тој ќе стане составен дел од нашето образование токму во 2013-та година.
- Одеднаш се појавија притисоци преку негативни кампањи и активности најчесто со политичка позадина, провокација на којашто за жал, наседнаа и еден мал дел од учениците кои подоцна ја сфатија суштината на оваа реформа. Екстерното тестирање се спроведе успешно. Имаше непредвидливи ситуации, но тоа е минимално за процес кој опфаќа речиси 200.000 ученици и 14.000 наставници и професори...Сепак, не дозволивме ниеден ученик да биде оштетен, секој го доби заслуженото. Исто и наставниците. Врз основа на стекнатото искуство, но и сугестиите од СОНК со кого имаме одлична соработка, од наставниците, учениците и од родителите, создадовме систем којшто во многу е унапреден. Убеден сум дека процесот ќе стане рутински, како што беше случај и со воведувањето на државната матура, вели министерот.
За развојот на македонската научно-истражувачка област Ристовски вели дека се повеќе и се посветува внимание и дека има многу важни проекти како проектот за набавка на лаборатории преку кој досега се опремени 80 лаборатории на јавните високо образовни и научни установи во различни научни и апликативни области, за што досега вложени се 1,6 милијарди денари.
За 2014 Спиро Ристовски најавува дека се фокусирани на имплементацијата на Кембриџ образовниот систем, на инвестициските активности во сите сегменти, на успешно спроведување на екстерното тестирање и новиот концепт на државната матура. Се разбира, во ниту еден момент нема да го запоставиме било кој започнат и најавен проект, на пример отворање на Филмската академија во Охрид, како еден вид подружница на ФАМУ од Прага, проширување на Спортската академија преку отворање на дисперзирани паралелки во неколку општини, опремување на средните стручни училишта со лаборатории, отпочнување на реконструкција на студентските домови... Ќе продолжиме со обезбедување бесплатни учебници за сите ученици, бесплатниот превоз, советувањето на родителите и учениците кои имаат извесни проблеми при учењето или однесувањето на училиште и така натаму. Имаме буџет којшто е најголем до сега, изнесува приближно 22,4 милијарди денари и очекувам целосна реализација на планираните активности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа