Американските власти обвинети за шпионирање на новинари
Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама се соочува со досега најсериозни обвинувања за злоупотреба на власта, по информацијата од водечката новинска агенција Асошиејтед прес (АП) дека комуникацијата на нивните новинари била следена од Секретаријатот за правда на САД.
Секретаријатот за правда ги собрал информациите за телефонските повици кои биле остварени преку 20 телефонски линии во три канцеларии на АП во САД, во Вашингтон, во Њујорк и во Хартфорд, при што властите имале информации со кого комуницираат стотина уредници и новинари кои работат во тие канцеларии.
АП вчера испрати протестно писмо до американскиот јавен обвинител Ерик Холдер, поради ова, како што вели Агенцијата, „потенцијално откривање на комуникацијата со доверливи извори на информации“.
- Не постои никакво можно оправдување за ова претерано собирање на податоци за телефонските комуникации на Асошиејтед прес и нејзините репортери, пишува во писмото упатено од директорот на АП Гери Пруит до Холдер.
Се претпоставува дека причина за овој увид на Секретаријатот во комуникацијата на АП е новинарска вест за акција на Централната разузнавачка агенција ЦИА против терористичката мрежа Ал Каеда во Јемен.
Асошиејтед прес бил предмет на истрага во која американските власти сакале да дознаат кој им доставил информации на новинарите на АП за акцијата на ЦИА.
Обвинителот Холдер се соочи со повици да поднесе оставка од повеќе угледни американски медиуми кои сметаат дека ова е неприфатливо однесување кон медиумите.
Скандалот се случува кога Обама е соочен со обвинувања дека даночната служба ИРС намерно гонела политички групи блиски до опозициската Републиканска партија, во време на изборите во 2010 и 2012 година. ИРС составила список на проопозициски групи поврзани со популарното десничарско движење Ти-партија или Партијата на чајот, и од нив барале значително повисоко ниво на услови за да добијат статус на група ослободена од плаќање данок.
Американскиот закон дозволува формирање на групи кои собираат донации ослободени од плаќање данок и промовираат политички ставови доколку не се директно поврзани со политички кандидат. ИРС ги отежнувала условите и ја нарушила анонимноста на донаторите на опозициските групи, додека не го спречувала формирањето на идентични групи блиски до претседателот Обама. На удар биле и групи за поддршка на Израел, по што Обама се соочува со обвинувања дека даночната служба била користена како партиска полиција.
Обама вчера, на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Дејвид Камерон, рече дека нема да толерира такво однесување на даночната служба.
- Доколку вработените на ИРС навистина постапиле на таков начин и намерно гонеле конзервативни групи, тоа е застрашувачки и за такво однесување нема место. Ќе мора да бидат целосно повикани на одговорност, бидејќи ИРС е независна агенција која мора да работи со целосен интегритет, изјави Обама.
Републиканскиот конгресмен Дарел Иса, кој претседава со Комитетот за надзор над владата во американскиот Конгрес, и кој веќе води сослушувања на претставници на Стејт департментот поради пропустите при нападот врз конзулатот во Бенгази минатата година, најави нови сослушувања во врска со скандалите во ИРС и следењето на комуникациите на Асошиејтед прес.
Познатиот новинар Том Брокау, во врска со скандалот во ИРС, оцени дека се работи за синдромот на „втор мандат“, кога претседателот вообичаено се соочува со многу повеќе напади во јавноста и со губење на своето влијание, на што ниту Обама не може да биде отпорен.