Седумнаесет општини воопшто не аплицирале на вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти

 

Вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини заклучно со вчера се доставени до архивата на Министерството за локална самоуправа за вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Како што информира министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата, 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликативни формулари. 

Перински соопшти дека воопшто не аплицирале општините: Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени.

-Апелираме до сите локални самоуправи да ја искористат оваа можност и да го запазат законскиот предвиден рок за пријавување кој истекува на 30 април годинава, рече Перински.

Нагласи дека исходот од првиот повик јасно потврдува дека намерите на Владата за помош на општините не се само теорија, туку и практичен механизам за промените кои се случуваат на терен.

24.04.2025 - 11:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега