Обвинителството ја демантира ДУИ: Ниеден обвинител не се повлекол од истрагата за Кочани

 

Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација. Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија.

Ова денеска го велат од Обвинителството, откако ДУИ преку соопштение до јавноста, обвини дека еден јавен обвинител кој бил дел од  предметот се повлекол, поради несогласувања околу квалификацијата на делото и особено поради политички притисоци од страна на партии во Владата.

Од Обвинителството појаснуваат дека од истрагата не се повлекол ниту обвинител што е дел од тимот на кочанското јавно обвинителство ниту обвинител од обвинителството за борба против организиран криминал и корупција кое ја води истрагата само за осомничените полицајци.

ДУИ претходно ја сподели оваа информација: 

- Информациите дека еден јавен обвинител кој бил дел од  предметот се повлекол, поради несогласувања околу квалификацијата на делото и особено поради политички притисоци од страна на партии во Владата, во нормална држава, би бил аларм за целото општество. Во нашата реалност, молкот на институциите зборува погласно од било која одлука. Вчера беше донесена одлука речиси сите приведени да бидат пуштени, освен Крешник Бекташи, кој и понатаму останува во притвор – личност која одамна е цел на политичка одмазда. Ова не е веќе индивидуален случај – туку опасен модел на селективна правда, која станува алатка за политички притисок и елиминација.

ДУИ велат не смее да се дозволи трагедијата во Кочани да се искористи за политичка пропаганда и прикривање на одговорноста на владејачките структури. ДУИ не брани поединци, туку ја брани правдата како принцип – еднаква за сите, велат од партијата.

17.04.2025 - 11:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега