Се урна хеликоптер: Загина директорот на „Сименс“ и неговото семејство
Трагична несреќа се случи попладнево кога хеликоптер се урна во реката Хадсон, во близина на брегот на Њу Џерси. Животот го загубија шест лица, меѓу кои шпанско туристичко семејство и пилотот.
Според полициски извори, меѓу загинатите е и Агустин Ескобар, висок директор во компанијата „Сименс“, кој патувал со своето семејство.
Комесарката на њујоршката полиција, Џесика Тиш, изјави дека до итните служби повикот пристигнал во 15:17 часот. „Пријавена беше несреќа на хеликоптер во реката Хадсон, во близина на паркот Пјер А во Хобокен. На местото на несреќата, припадници на полицијата извадија четири тела од водата, додека пожарникарите извлекоа уште две лица. Четворица беа прогласени за мртви на самото место, а две лица беа пренесени во болница“, изјави Тиш.
Градоначалникот на Џерси Сити, Стивен Фулоп, потврди дека се работи за две деца кои биле хоспитализирани, но за жал, лекарите не успеале да ги спасат.
Хеликоптерот полетал од хелиодром во Долен Менхетен во 14:59 часот и се движел прво на југ, по што завртел кон север долж брегот на Менхетен и реката Хадсон. „Во 15:08 часот го прелета мостот Џорџ Вашингтон, а потоа се завртел и продолжил кон брегот на Њу Џерси, каде наскоро се изгубила контролата над леталото“, соопшти Тиш.
Федералната управа за авијација (ФАА) и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) веќе започнаа заедничка истрага за причините за падот на хеликоптерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа