Град Скопје распиша јавен повик за финасирање програми и проекти за 2014 година

Градот Скопје, деновиве, објави Јавен повик за прибирање  барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје за 2014 година, наменети за финансирање програмски активности на здруженија на граѓани и фондации.

Во рамките на овој Јавен повик, Град Скопје соопшти дека финансиски ќе бидат поддржани програмски здруженија и фондации во износ од 1.200.000 денари, преку грантови за проекти од повеќе области: младите – култура, едукација и слободно време, промоција и поттикнување на волонтерството, граѓански активизам и поддршка од заедницата, подигнување на свеста и поддршка на иницијативи за социјално претприемништво кај граѓанските организации, поддршка на развојот, социјално вклучување и социјалната одговорност и поддршка на активно учество во регионални иницијативи, проекти и проекти од Европските програми.

За манифестации на здруженија и фондации предвидени се 500.000 денари, преку грантови за проекти за промоција на здрави животни навики кај младите и организирање годишна конференција на тема „граѓански активизам и поддршка на заедницата“ со присуство на Здруженија на граѓани и фондации.

Според соопштението, основни организациски критериуми, кои треба да ги исполнуваат здруженијата и фондации што учествуваат на повикот се да се регистрирани според Законот за здруженија и фондации со седиште во Скопје и да не добиле средства или поднеле пријава од/до друг орган на државната управа или други извори за иста намена и активности за кои поднесуваат пријава, што би значело двојно финансирање на истите активности од различни извори.

Проценката на квалитетот на проектите на здруженијата и фондациите кои ги исполнуваат основните организациски критериуми, ќе се врши врз основа на три критериуми: организациска структура и ресурси, кофинансирање и квалитет на проектот.

Покрај Пријавата за финансиска поддршка на здруженија и фондации која треба да биде пополнета, потпишана од застапникот на здружението или фондацијата и заверена со печат треба да бидат доставени и статут, фотокопија од решението за регистрација на здружението или фондацијата, компјутерски пополнет Образец за предлог-проект, извештај за добиените средства од Буџетот на Град Скопје во изминатата фискална година и начинот на нивната реализација (доколку организацијата била корисник на средства доделени од Буџетот на Град Скопје за  2013 година, годишен извештај и завршна сметка за 2012 година и уверение за платени даноци издадено од даночните органи.

Здруженијата и фондациите во прилог треба да достават и професионална биографија на стручните лица, кои ќе бидат ангажирани во реализација на проектот, референтна листа или доказ (на пример: потпишан договор) за најмалку два проекти реализирани во областа за која се аплицира, најмалку две мислења/референци од партнери или донатори за реализација на претходни проекти  и писмена поддршка од други организации или институции за кои е планирано да земат учество во реализацијата на проектот.

Здруженијата на граѓани и фондации можат да поднесат само една пријава за финансиска поддршка за проект или манифестација.

- Пријавите со нецелосна документација или по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат. Доставените прилози не се враќаат. Рок за поднесување на пријавите е 30 работни дена од денот на објавувањето во дневните весници. Период на реализација на финансираните проекти ќе биде од 1 мај до 1 декември 2014, информира Град Скопје.

Пријавата со целокупната документација треба да се достави преку пошта, во затворен коверт на адреса: Град Скопје, Одделение за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации , булевар „Илинден“ бр. 82 , 1.000 Скопје преку архивата на Град Скопје до 15 часот (со назнака -  Одделение за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации  – Пријава за јавен повик).

Здруженијата или фондациите учеснички на јавниот повик ќе бидат известени за резултатите во рок од 10 дена од денот на донесување на Одлуката за распределба на средства од Буџетот на Град Скопје за 2013 година, наменети за финансирање програмски активности на здруженија и на фондации. Пријавата за финансиска поддршка на здруженија и на фондации и Образецот за предлог – проект, се достапни во просториите на Град Скопје, Одделение за соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации и на интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk и www.skopje.gov.mk/nvo

30.12.2013 - 14:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега