Драган Павловиќ Латас: Гладијатори

Донесен е Законот за медиуми. За новинари. Ден после кој секој од нас може да земе воздух. Слободно. Да знае кој е, зошто е тука.

Мојата мисија е исполнета. Зад мене ќе остане тој закон. Повеќе од десет години поминати во долг, долг пат од ништо - во некаде. Од празен простор во кој битисуваат новинарите, на кои секој отстрана вежба око и снајпер, динамит... до време во кое се воспоставени правила. Кога имаме име, презиме и професија.

Не има разни. Честопати промашени ликови и намени, на кои оваа работа им е компензација за сите неуспеси низ животот. Место да се покаже сопственото постоење. Да се сврти вниманието кон себе. И што потоа...

Филмови, апотеози и заблуди кои се создаваат за својата работа, градење кулиси во кои промашениот, конечно, е главен лик. Колони ликови кои во заблуди оковани веруваат во сопствена натчовечка моќ: дека го менуваат светот, менуваат и поставуваат влади, уништуваат и градат олигарси...

Кога нешто и би читале, кога во пауза на својата слава и нарцис би воделе дијалог со поумните, со навистина вечните и архитектите на светот и веков... би ги прочитале барем "Разговорите со себе" на Марко Аурелие. Барем тоа.

Марко Аурелие, последниот славен римски император, е усвоен од синот на императорот Хадриан во студениот февруари, на денот кога јас сум се родил. Да биде негов син и наследник. Владетел.

Владеел умно. Бил војник и филозоф.
Да го читале Марко Аурелие, би биле поблиску до себе. Би разбрале дека новинарите се гладијатори. Нивната моќ, сила и напори се забава за дворјаните и за владетелите. И за народот, кога е време на празници, беда и големи предизвици.

Гладијатори, кои дебитираат на сцената борејќи се со кучиња, мечки и лавови... борејќи се со сето она што ги плаши дворјаните. Најчесто завршувајќи како бесплатна храна за животните, непријателите на дворјаните и владетелите.

Оние кои се покажале, кои имале сила и умеење се влечат од една до друга борба. Од една до друга забава. Ако преживеат премногу долго, ако победуваат премногу често... стануваат славни кај народот. Обожавани. Но, тоа не е појава која ја милуваат владетелите. Особено не дворјаните. Славата, обожавањето им припаѓа само ним. Убијте го славниот гладијатор!
Гладијаторот се радува на секоја победа против ѕверот. Против другиот спроти себе. Но, секоја нова победа е чекор поблиску до неговата смрт.

Ако и тоа го преживее. Ако неговата моќ и умеење ги надминале ѕверовите, владетелите и дворјаните смислиле борби еден против друг. До уништување. Колку покрваво е убиството, толку крикот на задоволство во публиката е посилен. Особено во ложата, меѓу дворјаните.
Историјата е полна со вакви кланици. Создавање и уништување гладијатори.

Овде се колеле, и колат, со зарѓани ножеви и топузи, прска крв надалеку. Во Париз, Лондон и во Вашингтон истата битка се случува техномански, со електрошокови и ласери, како во "Војната на звездите".

Но, и тука и таму, и тогаш и сега едните ја подигаат раката за победа, а другите ги исфрлаат надвор од арената. Уништени, понижени. Заборавени.

Победникот е мирен. Немал избор: или поразениот или тој. Еден останува.
Дали победата за победникот е гаранција за живот. О, не.

Гледа во раката на владетелот и чека... додека срцето му удира во жилите и вратот му трепери од тие удари. Владетелот, по своја волја, го дига палецот нагоре и дава живот до следната кланица. Или палецот се спушта удолу и тоа е крај за борецот. За победникот кој, лекомислено, верува дека победата и славата му ја донеле милоста кај владетелот. Крај.

Гладијаторот, со илузии или без нив, се бори за сопствен опстанок, за наклоност на дворјаните, за слава во народот, за живот меѓу живите. Но, колку е славата поголема, толку е мечот на владетелот поблиску до неговата глава.

Кој е изборот на гладијаторот. Да падне веднаш, под удар на ѕверовите... подоцна под удар на гладијаторот отспротива или... да падне под копјата и мечовите на легионерите, пратени по него во некоја темна зандана.

Сонуваат за слобода, за титули, за почит, за чинови во војската добиени во првите редови на најтешките борби. Ако ги преживеат.

Завршуваат како Максимус, епскиот лик филмски опеан од Ридли Скот и Расел Кроу, за гладијаторот кој бил миленик на Марко Аурелие и кој, спротивно на природните правила поставени од дворјаните, бил избран за негов наследник.

Што се сменило. Оттогаш до денес. Ништо, само имињата и оружјата.
Кој од новинарите, или тие што самобендисано се доживуваат за такви, бил повеќе од гладијатор. Па макар и најуспешен меѓу гладијаторите. Максимус.

Кој ја поминал границата поставена од дворјаните. Кој успеал да стане славен меѓу плебсот и да му се доближи на владетелот толку блиску што станал почитуван, и чиј збор бил сослушан и уважуван. Кој. Од тогаш до сега.

Кога, каде дворјаните дозволиле таквиот отстрана да им го заземе просторот, местото на софрата блиску до императорот. На секоја закана од таа ужасна глетка за нив заигруваат сплетките, заверите и клеветењата. Омразата од сите страни на дворот. Ако ни тоа не помине, тука се труењата, несреќните случаи и бодења во гужва или црна темнина. А потоа, лажно оплакување.
И Боговите се опкружени со дворјани, и никој друг. Прогнаните како Прометеј, кој се дрзнал божјиот оган да им го подари на луѓето за да имаат топлина и светлина, е прогнан и осуден на бавна смрт. И Адам, заедно со Ева, се прогонети од рајот затоа што јаделе од дрвото на мудроста. На моќта.

И Ѓаволот, најомразениот лик во историјата, некогаш бил ангел дворјанин. Неговото име е Луцифер. Луцифер значи светлина. Прометејска светлина која по неговиот грев ја ширел меѓу луѓето.

Но, Боговите решиле дека светлината меѓу луѓето е зло. И кај Прометеј, и кога тоа го направил Луцифер. Боговите решиле, луѓето послушале.

После поминат долг пат, од една до друга гладијаторска забава за плебсот, за дворјаните и за владетелите... со победи повеќе од кој било друг пред мене... немам радост во победите. Има многу слава, има многу аплаузи и екстаза од трибините на Колосеумот. Многу здравици, испиени победнички пехари и скапи дарови од дворјаните. Но, зад сите победи останале осакатени, скршеници, лузни и тешки, темни ноќи кога во болка ми заздравувале раните...

Успешни, или уништени, исти сме. Ние сме гладијатори.
Неспособни да живееме како другите, да излеземе од својот свет. Или гладијатори или робови. Неспособни да го видиме светот надвор од визирот и предизвиците на постојана борба да се победи, да се опстане. Да се доживее урлик и еуфорија од публиката. Да се врати сам, на сопствени нозе, назад во својата одаја. Во својата одаја.

И така, лежејќи во својата одаја, своето место на овој свет далеку од дворјаните, плебсот, легионерите и уметниците... слушам од другите, соседни соби, како зборуваат за гладијатори кои уриваат империи, создаваат владетели и управуваат со дворјани и сенатори. Дознаваат, откриваат тајни кои не служат никому, освен на дворјаните, и владетелите еден против друг. 
И не знам кој од нив, веќе утре, ќе биде причина да ме изнесат за последен пат. Или кому од нив јас сум му судбината која дошла по него.

Сепак, добивме закон. Барем имаме шанса да бидеме нормални како другите. Па, потоа, кој ќе ја препознае таа можност, ќе живее како сиот свет. 

Драган ПАВЛОВИЌ ЛАТАС за Вечер

29.12.2013 - 23:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега