Гаши добил закани по живот: Пријавил во полиција

 

Претседателот на Собранието Африм Гаши на службениот мејл добил електронска порака со заканувачка содржина, потврдија од неговиот Кабинет. Заканата што Гаши ја добил на електронската пошта е пријавена и во Министерството за внатрешни работи.

Оттаму за МИА информираат дека во Секторот за компјутерски криминал при МВР има пријава за таков случај и по истата соодветно се постапува, без да се посочуваат детали за тоа со каква содржина е заканата.

Медиумите попладнево објавија дека претседателот на Собранието добил електронска пошта со заканувачка содржина во врска со уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот.

Гаши, како што се посочува, оваа порака ја добил по синоќешното интервју за „360 степени“ каде кажа дека по изборот на нова влада во Бугарија може да се пристапи кон решавање на спорот, но оти не може веднаш да се очекува некој голем успех во разговорите.

Гледајќи на овој проблем низ призма на заеднички интерес и на двете држави и на двата народа, македонскиот и бугарскиот, во смисла на регионална сигурност, мислам дека е од заеднички интерес да пристапиме кон решавање на овој спор. Односно, да се тргне бугарското вето за отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ. Мислам дека Бугарија ништо не губи, напротив, јас сум убеден дека тие добиваат, но само треба да чекаме малку време да спласне тензијата, да се разговара на масата со аргументи. Да го сфатат и нашиот контекст. И мислам дека САД и Брисел, ако помогнат малку, убеден сум дека уште малку ни треба да се одврзе овој јазол, рече Гаши.

 
18.02.2025 - 17:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега