Бајден: Можев да го победам Трамп на изборите

 

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека верува оти ќе го победел Доналд Трамп на ноемвриските избори, објави Би-би-си.

Бајден (82) сепак додаде дека не е сигурен дали би имал доволно енергија за уште еден четиригодишен мандат.

„Засега сѐ е во ред, но којзнае како ќе се чувствувам на 86 години“, коментира тој.

Бајден исто така откри дека сè уште ја разгледува можноста за превентивно помилување за противниците на Трамп, вклучително и поранешната републиканска конгресменка Лиз Чејни и поранешниот врвен здравствен функционер д-р Ентони Фаучи.

Во интервјуто објавено вчера Бајден рече дека бил многу директен со Трамп за можните помилувања за време на нивната средба во Овалната соба веднаш по изборите во ноември.

„Се обидов да му објаснам дека нема потреба од тоа и дека би било контрапродуктивно да се врати назад и да се обиде да се пресмета“, рече Бајден додавајќи дека Трамп не се спротивставил, туку главно само слушал.

Бајден истакна дека неговата конечна одлука ќе зависи од тоа кого Трамп ќе избере за членови на својот кабинет.

Бајден исто така рече дека Трамп е полн со пофалби за неговата економска политика.

„Тој мисли дека оставам добро досие зад себе“, рече демократскиот претседател. Интервјуто за „УСА тудеј“ е единственото печатено интервју што Бајден го дал пред да ја напушти функцијата. Белата куќа строго го контролира медиумскиот пристап до Бајден, претседателот не одржа ниту една прес-конференција откога се повлече од трката на 21 јули.

Во интервјуто претседателот во заминување го бранеше и целосното и безусловно помилување на својот син Хантер Бајден, кој се соочуваше со осуда во два кривични случаја – за затајување данок и нелегална набавка на оружје, и покрај претходните тврдења дека нема да го стори тоа.

Бајден, кој првпат влезе во американскиот Сенат во 1972 година, се соочи со критики во сопствената партија за неговата неподготвеност да се повлече од претседателската трка и покрај загриженоста за неговата возраст и менталната подготвеност.

„Кога Трамп се кандидира за реизбор, навистина верував дека имам најголеми шанси да го победам. Но, исто така не планирав да бидам претседател на 85 или 86 години“, рече Бајден.

По поразот на потпретседателката Камала Харис од Трамп, високи членови на Демократската партија, како што е поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, изјавија дека демократите можеби би имале подобри резултати на изборите доколку Бајден се повлечеше од трката порано.

09.01.2025 - 22:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега