Рафтовите со вода се празнат, побарувачката за вода во Скопје се зголемува

 


Се зголемува побарувачката на вода низ маркетите во главниот град по најавата на ЈП „Водовод и Канализација“, дека поголемиот дел од Скопје утре по 22 часот ќе остане без вода поради санација на главниот цевковод.

Во дел од маркетите што ги посети МИА, рафтовите со вода, особено тубите над 5 литри, се празнеа.

-Како што ги редиме, ги земаат, рече една од продавачките. 

И угостителите се подготвуваат за најавениот прекин на водоснабдувањето обезбедувајќи резерви, а некои од нив би можеле и воопшто да не работат. Велат дека доколку прекинот со вода трае два - три дена или повеќе, тие ќе имаат големи штети.  

Од скопски Водовод денеска добивме ист одговор дека прекинот на вода во Скопје ќе биде утре по 22:00 часот, сѐ до санирање на дефектот. 

Без вода ќе бидат најголем дел од населбите низ градот, освен Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.

- Останатите корисиници од Скопје ќе бидат без вода, посочуваат од претпријатието.

За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, заради реализација на претходно најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод.

Како што појаснија, станува збор за повеќе затворачи на главниот цевковод од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од СП – трговскиот во Ѓорче Петров, Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, сè до Зелениково и Студеничани. 

Покрај оваа локација, од „Водовод и канализација“ информираат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.

- Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф-1600, кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф-1600 милиметри. Затварање на вода на главниот градски вод Ф-1600 милиметри се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира. Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, дирекно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош, се вели во соопштението.

Потенцираат дека системска промена на пет децении стари затворачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.

- Со воспоставувње на зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем, дополнуваат оттаму.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во вторникот на акцијата за засадување на дрва кај новиот Мега Парк во општина Карпош, во врска со најавениот прекин рече дека нема да има потреба од дотур на вода, затоа што санацијата на дефектот нема да трае повеќе од една редовна санација на кој било друг дефект во градот.

Во одговор на новинарско прашање, Арсовска рече дека очекува санацијата на дефектот да биде завршена во текот на едно деноноќие, односно како што рече, согласно планот изготвен од страна на техничките лица од јавните скопски претпријатија, санацијата се очекува да биде завршена во што е можно во пократок рок.

-Овој дефект е еден од четирите што ќе се санира и што ќе биде завршено во текот на викендот. Техничките лица на јавните скопски претпријатија се подготвени согласно планот да направат што е можно во пократок рок, така што за истото нема да има никаква потреба од дотур на вода, затоа што нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било дефект што го имаме во градот, рече Арсовска.

19.12.2024 - 14:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега