Костова: Кошничките се измама, Мицкоски дозволи трговите да се богатат на грбот на граѓаните
Трошоците за живот растат, платите стагнираат, граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Во услови кога животниот стандард на граѓаните е сериозно загрозен, власта предлага целосно неефикасни мерки, води погрешни економски политики, а на крајот цехот го плаќаат граѓаните, изјави на денешната прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
ДПМНЕ не прифати ниту еден еден предлог на СДСМ за подобрување на животниот стандард на гаѓаните. Не се прифати ниту предлог Законот на СДСМ за покачување на минималната плата, ниту амандманот за повисоки плати со Буџетот за 2025 година, ниту предлог Законот за укинување на ДДВ за храна, рече Костова.
„Но затоа, наместо реални мерки за подобар живот за граѓаните, Мицкоски им овозможи на трговците да се богатат на грбот на граѓаните. Од помпезно најавуваната есенска кошничка добивме само раст на инфлацијата во месец ноември од 4,3%.
На едно четиричлено семејство му се потребни 62.021 денари за да може да го помине месецот. Не само што растат цените на прехранбените производи, туку и за една третина во однос на лани се зголемени сметките за струја.
Дали во математиката на Мицкоски постои формула како со минимална плата од 22.567 денари, дури и двајца членови од семејството да ја земаат, можат да преживеат во месецот?
Мицкоски најави и новогодишна кошничка со наводно пониски цени на прехранбените производи, но по истиот модел, откако ја најави, тој им остави време на трговците да ги зголемат цените“, посочи Костова.
Потпретседателката на СДСМ нагласи дека за новогодишните празници, кошничките на граѓаните ќе останат празни, а полни ќе бидат само касите на трговците.
Со ова темпо на раст на трошоците за живот, веќе е созреана потребата од 500 евра минимална плата, за да можат граѓаните да имаат пристоен живот и да ги покријат основните месечни потреби за храна и услуги.
Ако Владата и Мицкоски навистина се грижат за граѓаните како што кажуваат, тогаш во 2025 година ќе ја зголемат минималната плата на 500 евра, за да се заштити стандардот на работниците и нивните семејства.
СДСМ, како одговорна партија нема да отстапи од грижата и посветеноста за обезбедување на посигурен и квалитетен живот на граѓаните и на стопанството. Повторно повикуваме, да се прифатат нашите предлози за повисока минимална плата и за укинување на ДДВ за храна. Ова се решенија кои се во интерес на сите граѓани. Сите ние носиме одговорност да им помогнеме на граѓаните да имаат пристоен живот.
Доста е веќе од лаги и лажна грижа, граѓаните заслужуваат и очекуваат Влада која се грижи и работи за нив“, потенцираше Костова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа