Филипче: СДСМ со нова визија за праведно и демократско општество
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на 30. Конгрес, ги претстави новата програма и идеолошки документ на партијата кои ќе послужат како темел за идната социјалдемократска платформа. Филипче истакна дека СДСМ е партија со јасна визија за праведно, развиено и демократско општество.
Партија која ги става солидарноста, правдата и еднаквоста во основата на своите заложби, бидејќи најсилното општество е она што обезбедува еднакви можности за сите свои граѓани.
,,Сите се раѓаме еднакви, но еднаквите можности ги обезбедува државата.
Во општество каде социјалните разлики растат, нашата задача е да ги намалиме тие разлики преку фер распределба на ресурсите и можностите.
Нема среќно општество во кое едни живеат како богови, а другите страдаат.
Напредокот што го нудиме не е резервиран за одредени групи или привилегирани слоеви. Тој е за секој граѓанин – за работникот што сака подобри услови, за младите што бараат можности, за земјоделецот што ја храни нацијата, за пензионерот што заслужува достоинствен живот"-рече прерседателот на СДСМ.
Во своето обраќање, Филипче потенцираше дека СДСМ се залага за економија каде трудот е вреднуван, богатството е правично распределено, а правата на работниците се заштитени.
,,Благосостојбата на работниците е наше мерило за успех. СДСМ се залага за економија во која трудот е вреднуван, а правата на работниците се заштитени"-рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Стратешката определба на СДСМ останува јасна – членството во Европската Унија.
,,Во време на глобални несигурности, наш приоритет е да обезбедиме стабилност за нашите граѓани.
Членството во ЕУ не е само цел – тоа е нашиот пат кон подобар живот.
Членството во Европската Унија е стратешка определба на СДСМ и клучна алатка за трансформација на Северна Македонија во модерна, праведна и напредна држава"-рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави дека новата програма и политики на СДСМ ќе бидат преточени во конкретни мерки и проекти кои ќе овозможат брзи и видливи резултати за сите граѓани. Образованието, здравството, земјоделството, иновациите и технологијата ќе бидат во фокусот на реформите, за создавање праведна иднина за сите. Со оваа нова визија, СДСМ го најавува своето лидерство во времето што претстои, водени од основните принципи на социјалдемократијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа