Кривична за „Саса“ и директорот: Испуштиле цијанид и отпадни води со тешки метали и направиле помор во Калиманци
Рудникот „Саса“ и неговиот британски директор заработија кривична пријава од кочанското Основно јавно обвинителство. Четири дена испуштале отпадни води со тешки метални во двојно поголеми количини во Каменичка река, која потоа се влева и во акумулацијата Калиманци.
Како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот помеѓу 1 и 4 август годинава, испуштиле отпадна вода со цинк, олово кадмиум и жива со штона подолг рок предизвикале опасност по животинскиот и растителниот свет и во реката и во акумулацијата.
-Од правното лице, истиот период во Каменичка река и езерото Калиманци е испуштен и акутен токсин цијанид, од чие присуство во езерото Калиманци е предизвикано акутно труење на рибите. Со вештачење со наод и мислење на Институтот за сточарство и рибарство, а врз основа на извештаи од лабараториско испитување на примероци вода од лабараторија е констатирано присуство на штетни и опасни материи во водата- тешки метали, а констатирано е и присуство на акутен токсин цијанид во смртоносна доза, а кој е причинител на труењето на рибите, велат од ОЈО.
ОЈО ќе ги гони рудникот и неговиот директор, британси државјанин со привремен престој во Македонија за две кривични дела - „загадување на животна средина и природа“ и „загадување на добиточна храна и вода“. За првото дело Кривичниот законик предвидува затворска казна од најмалку четири години за одговорното и парична за правното лице. За второто дело, пак, за одговорното лице се предвидува парична казна или затвор до три години, и парична казна за правно лице.
ДВ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа