Дошле со „голф“ извадиле секира и бензин и запалиле кафуле во станбена зграда во Кисела Вода
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против две лица, а по уште едно трага во врска со намерно опожарување на угостителски објект – кафуле на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.
На 13 ноември, околу 3 часот наутро, тројцата со пожар предизвикале имотна штета од поголема вредност во износ од околу 450 илјади денари. Со оглед на тоа што кафулето е лоцирано во поголема станбена зграда, постоела опасност тие со пожарот да предизвикаат и значителна опасност за животот и телото на станарите.
На местото пристигнале со автомобил “Фолксваген голф“, се паркирале во близина на кафе барот, а едниот осомничен останал во возилото да чека. Вториот осомничен зел секира од багажникот и го скршил лизгачкото стакло, додека третото лице кое е идентификувано и се преземаат мерки за негово пронаоѓање, запалило оган со бензин. Потоа сите заедно избегале од местото.
Истрагата е отворена, бидејќи со дејствијата како соизвршители предизвикале – Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. За двајцата осомничени кои се веќе обезбедени, по предлог на јавниот обвинител, определена им е мерка притвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа