Алиу: Го олеснуваме пристапот на пациентите до Клинички – обезбедивме 300 нови паркинг места за вработените
Како и што најавив, проблемите ќе ги решаваме со конкретни, издржани и применливи мерки. И денешниот ден го посветуваме токму на тоа, на едно конкретно, брзо и функционално решение за еден од највидливите проблеми на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а тоа е проблемот со паркирањето, рече новиот министер за здравство Азир Алиу.
-Во услови кога над 6.000 луѓе секој ден минуваат низ комплексот, а повеќе од 2.500 од нив се вработени, прашањето на паркирањето не може да биде оставено на импровизација. Не може да се зборува за функционален здравствен систем без функционална пристапност. Затоа, Министерството за здравство потпиша меморандум за соработка со компанијата ЛИМАК ДОО Скопје, со кој обезбедуваме паркинг простор за 300 возила, наменет за вработените во здравствените установи кои функционираат во рамки на Клиничкиот центар. Од 1 јули, овој паркинг простор ќе биде ставен во функција и достапен 24 часа. Се наоѓа на оддалеченост од приближно пет минути пешачење од било која клиника. На овој начин директно одговараме на еден од најгорливите проблеми, секојдневниот хаос со паркирањето во овој најголем здравствен комплекс во државата, посочи тој.
Со пренасочување на возилата на вработените надвор од срцето на кампусот, се ослободува најблискиот простор за пациентите. Конечно граѓаните нема да мора да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви.
-Тоа значи полесен пристап, помалку гужви и поголема почит кон времето и достоинството на секој човек што доаѓа по здравствена помош. Клиничкиот центар добива паркинг кој ќе е во служба на пациентите. Но, ова е само прв чекор во решавање на проблемот.
Започнуваме и со системска анализа на просторот. Ќе го мапираме секој агол, ќе знаеме точно колку возила може да се паркираат, кои се пиковите во текот на денот и каде се најкритичните точки на застој. На основа на тие податоци, ќе создадеме модел за управување со просторот, кој нема да се темели на навика и хаос, туку на бројки, потреби и логистика. Во процесот, ќе бидат вклучени и самите клиники, директорите и вработените, бидејќи секое практично решение мора да доаѓа со знаење од неговите корисници. Во следната фаза, ќе го подобриме и движењето на пациентите во рамки на Клиничкиот центар. Во тек се подготовките за поставување на дигитални информативни табли на влезовите од комплексот, како и на клучните точки во внатрешноста на Клиничкиот центар, со што ќе овозможиме полесна ориентација, побрз пристап до клиниките, рече Алиу.
Министерот посочи дека секое брзо решение мора да биде во функција на големата слика.
-Затоа, паралелно го следиме и ќе се подготвиме за што и да значи долгорочното позиционирање на Клиничкиот центар, бидејќи вистинското решение за паркинг просторот не може да се оддели од иднината на целиот комплекс. Но додека тоа се дефинира, ние нема да седиме со скрстени раце, а добрите пракси ќе ги примениме и во новиот ултра-модерен Клинички центар. Секоја недела, секој месец, секој ден ќе го користиме за конкретни подобрувања и за вработените и за пациентите, рече министерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа