Католиците денеска го слават Раѓањето Христово
Католичките верници денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божик. Традиционално во Македонија, централната прослава по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната порака.
- Драги браќа и сестри во Христа! Годишното празнување на Божик пред нас ја поставува задачата не само да го празнуваме секоја година, а уште помалку само да го спомнуваме, туку да допуштиме Божик да биде настан во нашиот живот. Стоиме пред тајната на неизмерната Божја љубов. Стоиме ние луѓето од 21 век кои така често и прекумерно го употребуваме зборот љубов и, се чини, како веќе да е истрошен тој збор и како да нема ништо ново што да ни каже. Значи, вистинскиот поим на љубовта е највисокото достоинство, зашто самиот Бог е љубов. Љубовта не може да биде свртена кон себе, туку љубовта значи да се свртиме кон другиот, духовно да го збогатиме, да се даруваме на другиот, да го усреќиме другиот.
Божик е можен како настан само за оној од нас кој ќе допушти денес – овие денови – да го допре таа и таквата Божја љубов. Божик е излив, доказ на Божјата љубов. Првата препрека која човештвото денес ја става пред доаѓањето на Бога е нашата егоцентричност. Ретко кога во историјата човекот бил толку затворен во себе исклучиво поради себе под мотото „мене да ми биде добро“. Тоа наше „јас“ израсна во огромен егоизам што не признава никој друг покрај себе освен ако од оној покрај себе исклучиво тој самиот има корист. Всушност, втората препрека која човештвото ја става пред доаѓањето на Бога е нашата користољубивост. Човекот во наше време вреди само толку колку има или колку е корисен. Така човекот денес стана поткрадено битие и често пати наједноставен предмет со кој се тргува и евтино се продава.
Како Бог да влезе во нашата историја во која ние не го признаваме човекот и неговото достоинство како личност и неговите неотуѓиви права, туку сме свртени исклучиво кон интересот. И денес Бог ќе тропне на вратата на оној меѓу нас кој не се чувствува дека го продал својот образ, своето достоинство за минливи интереси, туку во срцето го зачувал своето достоинство и не дозволил да биде манипулиран, ниту со опасниот збор мода, ниту со кој било друг поим кој ослободува а не заробува. Бог влезе во историјата слободен да не ослободи за слобода од сето тоа што не прави нелуѓе.
Рождеството Христово е празник на човечноста и хуманоста. Да, браќа и сестри, Божиќ е празник на нежно срце. Бог не сака човекот да го менува од надвор, туку од внатре, од срцето, од менталитетот за да го доведе до внатрешна слобода. Секако мир - без вооружени војни, мир во општеството – без расправии, но, пред сè, оној мир кој создава хармонија во нас. Ако во нас имаме и трошка омраза, нетрпеливост, одбивност, тогаш не можеме да бидеме во мир, ниту пак мироносци. Повторно се враќаме на вистината дека Божјата љубов создава мир. А кога мирот во нас ќе се роди, тој како светлина ја пробива секоја облачност, секоја магла и, едноставно, ги осветлува другите. Божик е празник на светлината, но светлината не е свеќа.
Христовиот мир нека е во вашите срца и барем една личност нека допре тој ваш мир – наш мир. Честит Божик на оние кои допуштаат овие денови Христос да се роди во секое човечко срце. Честит Божик на секој од вас, на семејствата, на општеството и на сите оние кои ќе слушнат и разберат што Бог му нуди на човекот, а човекот без Бога не може да дава. Амин. Христос се роди!, се вели во божикната порака на бискупот скопски Киро Стојанов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа