Орбан: Од изборите во САД ќе зависи надворешната политика на ЕУ
Резултатот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави ќе одредат дали Европа ќе може да води понезависна надворешна политика или ќе продолжи да ги следи упатствата на Вашингтон, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со претседателот на Киргистан Садир Џапаров.
„Овие американски избори се од големо значење бидејќи во последните години односите меѓу Европската Унија и Соединетите Држави беа нерамноправни. Во сите поважни стратегиски прашања, Европа немаше независна надворешна политика, секогаш го следеше ставот на Вашингтон. Затоа сега сме заглавени во војната во Украина, доживуваме енергетска криза и пад на конкурентноста“, оцени Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека Европа не успеала да ги одбрани своите интереси.
Додаде дека прашањето е дали тој курс ќе продолжи или ќе дојде до голема промена која на ЕУ ќе ѝ овозможи поцврсто да се држи до своите интереси.
„Сите ги чекаат резултатите на изборите во САД. Повеќето лидери на западноевропските земји ја поддржуваат демократската кандидатка Камала Харис, а ние го поддржуваме републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Ги чекаме резултатите и чекаме да видиме кој ќе има среќа“, истакна Орбан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа