Се готви нова декларација во бугарскиот парламент за изјавите на Николоски

 

Бугарската партија Преродба подготвува декларација која ќе ја поднесе во бугарскиот парламент на усвојување, а се однесува на изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски кои лидерот на Преродба, Костади Костадинов ги смета за навредливи за бугарската држава.

„Подготвивме декларација, ќе ја доставиме до парламентарната Комисија за надворешна политика и ќе побараме да биде свикан вонреден состанок“, изјави Костадинов во парламентот.
Според него, Бугарија мора да ги информира своите партнери во ЕУ за тоа што се случува од другата страна на границата.

„Да се информира дека се саботираат политиките на цела Европа, како и Коридорот 8. Вчера изјавивме дека кога некој сака да биде во заедничкиот европски дом дека мора да ја почитува политиката на тој дом. Еден од условите е да имаш политика на добрососедство“, нагласи Костадинов и додаде дека со Македонија постои договор за добрососедство и пријателство кој, според него, отворено се прекршува.

Разбираме дека тоа е политика на свесно барање провокации и дека во тој контекст нашата влада игра многу добро, рече Костадинов.

„Во овој случај треба да помогне и Народното собрание, бидејќи сметаме дека како законодавна институција треба говорот да е умерен и дипломатски, без да навлегуваме во тоналитетот на спротивната партија“, рече лидерот на Преродба.

 

20.09.2024 - 09:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега