Кабинетот на Сиљановска ќе побара објаснување од Радев за знамето

 

Реакции во земјава предизвика вчерашната фотографија од средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија, каде изостануваше македонското знаме.

Кабинетот на Сиљановска соопшти дека фотографирањето не било однапред предвидено и ќе побара објаснување од бугарската страна.

„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинет на Давкова.

Претходно денес СДСМ ја опиша средбата како дипломатски дебакл. Од опозициската партија констатираа дека Сиљановска и министрите во Софија биле пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија.

 
14.09.2024 - 19:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега