Родман ја посети Кореја, но не се сретна со Ким Јонг Ун

Поранешната американска кошаркарска ѕвезда Денис Родман замина од Пјонгјанг за Пекинг, завршувајќи ја својата петдневна посета на Северна Кореја, без да се сретне лидерот Ким Јонг Ун.

Ова беше трет престој на Родман во Пјонгјанг, но прва на која тој не се сретна со севернокорејскиот лидер. Прв пат Родман беше во Северна Кореја во март, годинава, кога го нарече Ким свој „доживотен пријател“.

Во септември беше одново во посета во оваа најзатворена земја во светот, кога една недела беше со лидерот Ким, со неговата сопруга и со нивната малечка ќерка.

Предвидено е Родман да организира кошаркарски натпревар меѓу домашната репрезентација и еден состав на, главно, поранешни кошаркари на НБА. Овој егзибиционен меч би се одржал во чест на роденденот на Ким Јонг Ун, на 8 јануари.

Во првото полувреме, екипите би играле една против друга, а во второто полувремени би настапиле две мешовите американско-севернокорејски играчи.

На крајот од оваа посета, Родман изјави дека не е вознемирен што не се сретна со Ким.

- Нема проблеми, ќе се видма со него, следниот пат, рече американскиот кошаркар.

Пред посетата на Пјонгјанг, Родман изјави во Пекинг дека има „добра комуникација“ со севернокорејскиот лидер, за да му се „помогне на светот“ но не објасни за какви разговори станува збор.

Ким Јонг Ун е образуван во Швајцарија и важи за голем љубител на кошарката и навивач на „Чикаго Булс“, каде во деведесетите години на 20 век заедно играа Родман и Мајкл Џордан.

Третата посета на американскиот кошаркар се одвиваше по ликвидацијата на Јанг Сонг Таек, доскорешен втор човек во Северна Кореја и тетин на Ким Јонг Ун. Постои стравување за внатрешните состојби во земјата, но Родман за тоа не зборува, освен што објасни дека сите денови ги поминал тренирајќи ги домашните кошаркари.

Во Северна Кореја е затворен Американецот Кенет Бае кој е осуден на 15 години затвор за „обид за уривање на власта“ во земјата. Американскиот Стејт департмент претходно ја отфрли можноста Денис Родман да биде посредник во ослободувањето на Бае. Самиот Родман пред заминувањето порача дека тој не сака да се меша во политиката и дека Бае не е негова работа. 

23.12.2013 - 15:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега