Есенската кошничка со 100 производи ќе биде готова утре, Дурмиши најави и зимска

 


Есенската кошничка со замрзнати цени или ограничени маржи на 100 основни прехранбени производи ќе биде стокмена утре. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши до крајот на денот очекува работната група, која ја подготвува кошничката, да му соопшти дали ќе се одлучат за замрзнување на цените или за ограничување на маржите.

„Работната група, во која членуваат претставници од Министерството за економија и труд, од Министерството за земјоделство и од Министерството за финансии до утре треба да ја направи есенска потрошувачка кошничка. Ќе опфати 100-ина прехранбени земјоделски производи. Ќе се направи симулација за замрзнување на цените на одредено ниво или ограничување на маржата од 5, 10 или 15 проценти на основните прехранбени производи и во зависност од тоа ќе се донесе одлука. Во кошничката ќе има овошје, храна, ориз, грав, сите производи што се побитни сега во есенскиот период. Оваа акција со потрошувачката кошничка ќе ја продолжиме и во наредниот период со зимска кошничка, со велигденска и со рамазанска кошничка“, рече министерот за економија, Дурмиши.

Есенската кошничка Дурмиши очекува да биде испратена на усвојување во Владата следната недела, а веднаш кога ќе биде изгласана, ќе ја почнат процедурата за почитување на мерката.

Тој денес излегол во обиколка на две книжарници за да провери дали се почитува мерката за ограничени маржи на училишниот прибор и утврдил дека трговците ја почитуваат мерката. Најави засилени контроли за оваа мерка во сите градови во земјата.

12.09.2024 - 14:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега